Џамбаски: Бугарија се граничи со самата себе

Ангел Џамбаски, заменик претседател на ВМРО-БНД и европски пратеник, во текот на своето гостување на бугарската телевизија СКАТ рече дека признавањето на македонското малцинство од страна на Бугарија би можело да биде условено од страна на Европската Унија и нејзините финансиски фондови.  Според Џамбаски европската резолуција ќе биде вечен политички срам.

– Бугарските европратеници од Бугарската социјалистичка партија ја допуштија таа глупост, таква резолуција која признава сепаратистичка антибугарска организација која се бори за признавање на непосточко малцинство во Бугарија. И тоа ќе биде вечен политички срам за демократска Бугарија и за Бугарската социјалистичка партија – рече Џамбаски.

Тој посочи дека резолуцијата се користи од страна на македонските медиуми.

– Но, што имаш во главата! Колку треба да си политички незрел, колку треба да си неодоговорен кон сопствената нација, за да дозволиш да започне таква глупост и таа да заврши со национално предавство. Таа резолуција во овој момент се користи од медиумите во соседната држава. Општествениците велат дека Европскиот парламент го признава постоењето на македонското малцинство – смета Џамбаски.

Во текот на гостувањето, бугарскиот европратеник беше запрашан дали би можело признавањето на македонското малцинство да биде условено со европските пари

– Да не дојде до тоа. Ги признавате, има пари, не ги признавате, нема пари – кажа водителот на телевизијата СКАТ.

– Ќе дојде до тоа, немојте да се лажете – одговори Џамбаски.

Според него еден дел од европските држави би можеле да ја блокираат Бугарија поради влијанието на либерализмот во европските општества кој се стреми кон признавање на сите малцинства. Тој не заборави да потсети дека бугарското општество знае дека на територијата на Бугарија не постојат национални малцинства, а Бугарија се граничи со самата себеси.

Со 358 гласа „за“, 277 „против“, Европскиот парламент усвои резолуција во која се изразува поддршка за бугарскиот народ во своите барања и легитимни аспирации за правда, одговорност и демократија.

Брисел ги повикува бугарските власти и на спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, при што  се наведени, меѓу другото, и пресудите што се однесуваат на неможноста на македонското непризнаено малцинство во Бугарија да регистрира свое здружение или политичка партија.

Резолуцијата се однесува за пресудата од 19 јануари 2006 година, Обединета македонска организација „Илинден“ и други, – пресуда од 18 октомври 2011 година, Обединетата македонска организација „Илинден“ и други, пресуда од 11 јануари 2018 година, Обединета македонска организација „Илинден“ и други, и пресудата од 11 јануари 2018 година, Јордан Иванов и други.