Џакарта истражува дали индонезиски граѓани се борат за руската армија во Украина
Неколку министерства и владини институции во Индонезија истражуваат информации на украинските власти дека повеќе индонезиски граѓани ѝ се приклучиле на руската армија и се борат на фронтот во Украина – соопшти индонезиското Министерство за надворешни работи.
Доколку овие наводи се потврдат, индонезиските борци ризикуваат да го загубат државјанството, со оглед на тоа што законски се обврзани да добијат согласност од претседателот на државата за да служат во вооружените сили на туѓа земја.
„Ако се потврди учеството на индонезиски граѓани во вооружените сили на странска држава, тогаш станува збор за индивидуална одлука која не ја одразува ниту политиката ниту ставот на индонезиската Влада. Информациите во врска со идентитетот, постапката за регрутирање и начинот на кој споменатите лица се ангажирале допрва треба подетално да бидат разјаснети“ – соопшти министерството.
Индонезиската влада дополнително ќе истражува и „можност за измама, експлоатација или регрутирање преку понуди за работа кои не одговараат на првичната цел“ – нагласи индонезиското Министерство за надворешни работи.
Од Индонезија досега немало забележано поголем број платеници кои заминале да се борат на страната на Украина или на Русија, иако двете држави активно регрутираат странски борци од почетокот на конфликтот.
Според неколку извори, граѓани од повеќе африкански земји претходно биле принудно регрутирани да војуваат на страната на Русија во Украина, откако претходно биле привлечени со лажни ветувања за вработување во странство.