Џафери: За мандатот на Груевски пратениците ќе расправаат меѓу 10 и 15 јуни

Седницата на која ќе се разгледува предлогот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски најверојатно ќе се најде на собраниска седница меѓу 10 и 15 јуни, брифираше денеска собранискиот спикер, Талат Џафери.

Џафери рече дека на истата седница би можело да се расправа и по предлогот за реконструкција на Владата.

„Пред 10 јуни нема да биде зашто пратениците имаат обврски, а после 15 имам планирано службено патување во Кина. Така што нема пречка двете точки да се стават на дневен ред на иста седница“, рече Џафери.

Од 21 до 23 јуни во Скопје ќе се одржи нов состанок во рамки на Жан Моне процесот, а тема ќе биде измени на Деловникот за работа на Парламентот. За ова прашање утре претставници на пратеничките групи треба да разговараат и да ги надминат разликите до новиот состанок во рамки на Жан Моне.
Џафери оцени дека Извештајот на ЕК за напредокот нотирал дека се што е побарано од нас сме направиле и оти како што кажа Могерини, сега на ред е Европската комисија.
Во однос на Законот за јавното обвинителство, претседателот на Парламентот вели дека партиите се уште разговараат и оти би можело да биде донесен до крајот на јули дури и да биде поднесен во редовна постапка.