Талат Џафери неочекувано во Киев и Буча: „Сликите се геноцид, ништо друго“
Џафери подоцна вечерва имаше средба со претседателот Зеленски. Тој е првиот политичар не само од Македонија туку и од регионот кој е во посета на фронтот во Украина
Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, денеска е во неочекувана посета на Украина. Џафери беше во Киев и во двете места каде што светот беше сведок на масовни злосторства извршени од руските војски – Буча и Ирпин. Во овие две места речиси секој ден се откриваат масовни гробници, а бројот на убиените цивили уште не е конечен.
Во Украина Џафери во Украина е на покана на претседателот на украинската Рада, Руслан Стефанчук. Тој во Киев допатувал во раните утрински часови со воз од Полска.
Во посета на Украина денеска се и претседателите на парламентите на Романија и Швајцарија.
При посетата на Ирпин кој претрпе жестоки разурнувања од акциите на руските војски, џафери рече дека ова што го видел не може да се нарече никако поинаку, освен „геноцид“.
„Ја прифатив поканата лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската Федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Република Северна Македонија за народот на Украина и институциите на Украина. Нам од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме не подолго од две децении претходно, свеж ни е Речак во Косово, свежа ни е Сребреница во Босна и Херцеговина и секако мислам дека ние најдобро ве разбираме и знаеме што значат овие слики што ги гледаме овде. Јас оттука можам да порачам дека лично ќе се залагам институциите и граѓаните на Северна Македонија да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од Европската унија и меѓународната заедница. Секако, лично ќе се залагам овие слики да го добијат правото име што им следува, а тоа е геноцид и ништо друго“, рече Џафери.
Потоа Џафери, заедно со другите двајца колеги претседатели, се сретна и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. „И покрај тоа што сум војник и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот, онемен сум и бесен“, рече Џафери на средбата со Зеленски.
Џафери на состанокот посочи дека е растревожен од бројот на гробови кои не ги догледува човековото око, иако, како што кажа, видел само дел од Буча и Ирпин.
„Бесен сум на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата. Бесен сум што светот нема доволно силен глас да ѝ каже стоп на оваа безумна инвазија. Во чест на загубените животи се обврзуваме да ви помогнеме и внимателно да слушаме како одново ќе го изградите разрушеното“, нагласи претседателот на македонското Собрание.
Џафери лично се обврза за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина.
Тој зборуваше и за мерките кои Северна Македонија ги презела против, како што рече, руската агресија во Украина, нагласувајќи дека државата ја поддржала Одлуката за суспендирање на Русија од Советот на Европа и се приклучила кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација, иако не е членка на ЕУ.
„Овој акт на агресија уште еднаш потврди колку е значајно проширувањето на Европската унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа. Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас“, посочи Џафери на средбата на која нагласи дека денеска се почувствувал како Украинец.
Оваа посета на Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета од сите нивоа на власт во Македонија.