Џафери упорен: Немам мандат да свикам седница


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на парламентот Талат Џафери за „360 степени“ изјаи дека само неформално бил информиран за намерите на СДСМ да соберат најмалку 20 пратенички потписи за свикување седница.

-Како претседател на парламентот немам право, ниту мандат, со индивидуален акт, односно со решение за свикување седница, да ја поништам одлуката на Собранието за распуштање, вели спикерот Талат Џафериза „360 степени“, коментирајќи ја иницијативата на СДСМ за свикување на законодавниот дом.

„Јас сум свесен за ситуацијата и не сум неодговорен, ама како претставник на институција сум обврзан да ги почитувам Уставот, законите и прописите. Ако не постапувам така, правам кривично дело, а зошто би го правел тоа“,вели Џафери.

Во однос на потребата Собранието да ја потврди одлуката на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, Џафери посочува дека Уставот предвидел и ситуација кога парламентот не е во можност да се состане. Објаснува дека прашањето, дали овој или следниот парламент ќе ја потврди вонредната состојба, всушност, е хипотетичко.

„Според Уставот, вонредна состојба може да прогласат парламентот и претседателот на државата. За парламентот да прогласи или да потврди одлука за прогласување вонредна состојба е потребно двотретинско мнозинство. Затоа, и во случај парламентот да се состане, прашање е дали ќе обезбеди двотретинско мнозинство за потврда на одлуката на претседателот, кој, сепак, има надлежност да прогласи вонредна состојба“,вели Џафери.