Џафери: Улогата на Клубот на пратенички е значајна за надминување на тешкотиите со кои се соочуваат жените


Клубот на пратенички при Собранието денеска ја одржа конститутивната седница на која се обрати претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.

Посакувајќи им успешен мандат, Џафери во обраќањето истакна дека улогата на Клубот на пратенички е исклучително значајна во насока на надминување на тешкотиите кои сè уште се составен дел од животот на жените како што се дискриминацијата, говорот на омраза, стереотипите и традиционалните родови улоги.

да го поздравам конституирањето на новиот состав на Клубот на пратенички во рамките на законодавниот дом, кое е неформално консултативно тело за унапредување на правата и положбата на жените и во чиј состав влегуваат пратеничките од актуелните состави.

– Ако се водиме по конкретните резултати кои се постигнати од 2003 година, кога е формиран Клубот, па наваму, со секое обновување на составот на Клубот, може да се каже дека имате навистина добра подлога врз која ќе можете да продолжите да работите, да го надградувате и зголемувате спектарот на правата на жените, насочувајќи ги Вашите активности и сета енергија на заокружување на веќе постигнатите успеси, продолжување на започнатите, а недовршени процеси и иницирање на нови прашања и иницијативи кои ги наметнува новото време и предизвиците што ги носи со себе, рече Џафери.

Клубот на пратенички, како што посочи, сам по себе има голема предност од повеќе аспекти. Надмината е партиската припадност, а со измените во Изборниот законик обезбедено е учество од 40 проценти на жените на кандидатските листи и се цели кон тоа да се постигнат милениумските цели на Обединетите нации за учество 50:50.

– За да се постигне тоа, потребна е искрена и безрезервна поддршка на двата пола, и неопходно е работење во насока на сфаќање на тоа дека ако жената добива некое право, не значи дека се скратува некое право на мажот, тоа само значи дека имаат иста појдовна основа, исто се валоризира и плаќа и нивната работа и имаат исти можности за напредување и во јавниот и во приватниот сектор. При тоа, треба да се работи на постигнување на родова еднаквост и при поделба на сите обврски во домот, бидејќи не постојат машки и женски работи, грижата за домот и децата е заедничка на двата родители за да може и жената да воспостави баланс на приватниот и професионалниот живот и да има личен и кариерен развој. И, кога еднаш се исполнети сите предуслови за жената да може да го даде својот полн придонес во секој сегмент од општественото живеење, ќе можеме да видиме конкретни резултати кои ќе имаат импакт и врз квалитетот на живот. Затоа што, ништо не може да ја сопре моќта на жената која дава живот, таа има моќ и да го промени и разубави животот а во ова време на здравствена, економска, политичка, воена, природна несигурност кога како човештво се соочуваме и справуваме со предизвици од различна природа, градењето на здрави семејства, со разумно толкување и разбирање на секој аспект е од огромно значење, порача претседателот на Собранието.

Клубот на пратенички е неформално консултативно тело за унапредување на правата и положбата на жените, во чиј состав влегуваат пратеничките од актуелните состави.