Џафери со донации по повод новогодишните и божиќните празници
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го посети домот за стари лица „Мајка Тереза“ Скопје кој што е објект во рамките на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, со донација по повод новогодишните и божиќните празници.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Џафери подвлече дека денешната донација е во координација со вработените и е во насока да го направи поудобен и полесен престојот на корисниците на услугите во Домот за стари лица.
![]()
Во разговор со раководителот на објектот „Мајка Тереза“ Дејан Петров, Џафери истакна дека е особено важно да се имаат во вид предизвиците со кои се соочува и оваа категорија на граѓани и да бидеме подготвени да ги слушнеме мислењата и желбите што ги споделуваат.
-Денес ги слушнав предизвиците со кои се соочува институцијата во која што престојувате и во комуникација со раководителот и со другите надлежни институции ќе се обидеме да дојдеме до некое трајно решение од инфраструктурен аспект и да го надминеме овој предизвик, рече Џафери.
Во честитката упатена до присутните за новогодишните празници, претседателот на Собранието се заблагодари за придонесот на старите лица во развојот и напредокот на државата и им посака деновите на старост да им бидат поминати во мир и достоинство.
Петров нагласи дека оваа посета е убава можност за него и вработените лично да ги пренесат своите размислувања за разубавувањето на животот на корисниците, за подобрувањето на стандардот на сместување и за услугите што ги нудат на корисниците и покрај тоа што немаат доволно персонал и современа инфраструктура. Нивниот слоган „И староста може да биде убава“ вистински се отсликува во нивниот труд а корисниците не штедеа зборови на благодарност кон тимот.
На средбата поезија читаше поетесата Мирослава Богатинова.
Претседателот на Собранието донираше и нагледни средства и опрема за сензорна соба во основните училишта со ресурсни центри „Златан Сремац“ и „Иднина“. Оваа донација, како што е наведено во соопштението, се реализира традиционално и е согласно потребите на учениците во консултација со наставниот кадар.