Џафери: Сигнал дали ќе се одложат изборите е ако до 31. декември не го знаеме техничкиот премиер


Ако до 30., 31. декември нема сигнали кои ќе бидат функционерите на техничката влада, ќе биде јасно дека изборите нема да се оддржат на 12. април. Тоа е најасниот сигнал, дали на 12. април ќе се одржат изборите, оти на 3. јануари ќе треба да биде изборот на техничката влада. Како што налага Пржинскиот договор, техничката влада  да се избере 100 дена пред парламентарните избори, рече Талат Џафери, претседателот на Собранието, на денешниот брифинг за новинарите.

Коментарот на Џафери доаѓа по информациите дека е можно одложување на изборите. Одложувањето на изборите се врзува со можноста Шпанија во јануари да не го ратификува протоколот за НАТО, бидејќи се уште нема формирано нова влада.

Оттука и македонскиот парламент нема да може да го ратификува протоколот, бидејќи на 12. февруари треба да се распушти. Според информациите на Џафери, Владата во Шпанија треба да се формира во јануари и тој верува дека ќе се стаса со ратификацијата.

Џафери останува на ставот дека нема да го свика Собранието ако тоа се распушти на 12. февруари и во случај Шпанија да не стаса со ратификацијата. Во таков случај, вели Џафери, ратификацијата во македонското Собрание ќе ја гласа новиот парламентарен состав.

На крајот на денешниот брифинг претседателот на Собранието имаше пријатна  обврска – тој ѝ врачи Благодарница на колешката Мира Костиќ, новинарка од Македонското радио, која наскоро заминува во пензија.

Костиќ голем дел од својата професионална кариера, околу 30 години, ја помина токму како собраниски известувач, а за професионалноста денеска ѝ се заблагодари и Џафери.

A кој во иднина ќе седи до претседателот на Собранието, на наредните брифинзи со новинарите, останува да видиме, бидејќи на тоа место често седеше токму Мира Костиќ.