Џафери се разболе, не се знае кој ќе го свика новиот парламент


Веста за хоспитализацијата на досегашниот спикер на Собранието Талат Џафери, кој објави дека е позитивен на Ковид-19, ги проблематизира подготовките за конститутивната седница на новиот парламент. Првично, 4 август се посочуваше како најсигурен термин за одржување на конститутивната седница, со оглед на тоа што тоа е првиот работен ден по илинденските празници, а воедно и последен термин до кој Џафери, како претседател на досегашниот собраниски состав, може да ја закаже првата седница на новото Собрание, како што е предвидено во Уставот, во рок од 20 дена од завршувањето на изборите што годинава се одржаа на 15 јули.

Иако се појавија информации дека Џафери е пуштен од болница, во секој случај е прашање дали тој ќе биде во ситуација да претседава со конститутивната седница, како што се планираше. Џафери, како претседател на досегашниот собраниски состав, единствен може да ја закаже првата седница на новото Собрание, а тоа, според проценките во парламентот, би можел да го направи и во случај да биде во самоизолација, како суспектен на Ковид-19. Во таква ситуација тој би требало само да го потпише решението за одржување на седницата, но потоа би се одело на „резервно сценарио“, односно, до изборот на нов спикер, со седницата би претседавал највозрасниот меѓу новоизбраните пратеници или некој од следните според возраста.

Доколку, пак, досегашниот претседател на парламентот не ја закаже седницата, останува можноста пратениците сами да се соберат на 21 ден од изборите и да го конституираат парламентот.