Џафери размислува: Гласање во смени, од различни сали, во редуциран состав или онлајн?

Многу европски земји го прилагодиле начинот на работењето на нивните собранија поради епидемијата на корона вирусот. Некаде е редуцирано учеството на пратениците во работата, некаде се гласа онлајн, но генерално сите бараат решение како да се работи во оваа криза

 

Онлајн или клуч на врата на Собранието. Вака првиот негов човек, Талат Џафери, вчера ги опиша опциите за продолжување на работата на законодавниот дом во услови на корона кризата, откако случајот со Арбен Зибери покажа како ќе функционира тој, макар и еден пратеник да биде инфициран.

„Што ако се разболат пратеници – ќе се стави клуч на Собранието? Треба да размислиме за алтернативни решенија. Треба тоа да се регулира. Што да правиме, да се состанеме на булевар и да работиме? Со посебни прописи мора да се регулира работење во вонредна состојба, пандемија, пожар, земјотрес“, рече вчера Џафери, посочувајќи дека главна кочница е опозицијата, која не сака да чуе за електронско гласање и обвинува дека така ќе се спасува власта од немањето кворум во Собранието.

Во парламентот, и покрај ваквиот отпор, подготовките течат и веќе е направена анализа како во другите земји го решаваат ова прашање. Од неа произлегува дека начините се различни, но се сведуваат на две опции – заседавање и гласање онлајн, т.е. од далечина или обезбедување физичка дистанца.

Според таа анализа, Шпанија уште од март го решила тоа прашање, а од поодамна има и регулатива за функционирање на парламентот во вонредна ситуација. И во двата дома на шпанскиот парламент е овозможено електронско гласање од далечина, со што практично се применуваат промените на деловникот од 2011 и 2013 година, кои воведуваат ваква можност во случаи на бременост на пратеничка, породилно отсуство, сериозно заболување и други случаи кога пратеникот не може да го оствари своето право на гласање. Таквото гласање сепак е дозволено само на пленарни сесии, но не и за комисии и само тогаш кога се знае датумот за гласање.

Во Италија дебатата за ова прашање сѐ уште трае, бидејќи уставот бара физичко присуство во парламентот. Иако деловникот забранува експлицитно гласање од далечина, се разгледува и таа опција бидејќи се смета за неопходна. Втората опција е да се гласа во смени или, пак, парламентарците да се сместат во различни згради за да се обезбеди поголема физичка дистанца.

Во однос на дебатите кај нас, решението за германскиот Бундестаг изгледа радикално. Таму, иако гласањето се снима редовно и се врши електронска верификација, процедурите не дозволуваат пратениците да гласаат од далечина. Затоа, партиите се договориле да го намалат значително прагот на присутни пратеници за да биде изгласана некоја одлука, иако според деловникот мора да бидат присутни барем половина. Сега ќе биде доволно присуство само на четвртина од пратениците, што ќе се обезбеди со измена на деловникот и консензус на политичките партии.

Во Романија уште во март беше донесена одлука со која се овозможи гласање на електронски начин во исклучителни околности (епидемии, природни непогоди, земјотреси или терористички напади), а Постојаното биро на Парламентот решава до кога ќе важи ваквиот начин. Од 18 март е инсталирана новата алатка за онлајн гласање и веќе се применува.

Во Полска со резолуција во Сејмот се вметнати одредби како да се работи во услови на епидемии или вонредни состојби предвидени со Уставот. Па, така, во вакви ситуации само ограничен број на пратеници од секоја пратеничка група ќе бидат физички присутни во Сејмот, а сите други ќе учествуваат преку видео врска што ќе обезбеди верификација на идентитетот на секој пратеник. Гласањето, исто така, ќе биде електронско и од далечина, а комитетите и поткомитетите ќе заседаваат со видео врска. Новите правила не забрануваат физичко присуство на пратениците бидејќи ваквото работење ќе биде вез доброволна основа, во смисла кој смета дека му се оштетени правата, може да дојде во Сејмот.

Во Франција решението е сосема спротивно. Деловникот на Националното собрание и на Сенатот пропишува задолжително физичко присуство и не постои можност за гласање од далечина, а пратеник може да ополномошти друг да гласа во негово име само во нормални времиња. Сепак, за да се прилагодат на кризата, во Националното собрание се согласиле на специфични методи на работа кои вклучуваат: суспендирање на сите тековни активности освен за донесувањето на итни закони и прашања до владата, намален формат на седници на кои може да присуствуваат до три лица од секоја политичка  група и проширена делегација за гласање, со можност сепак целата група да ги делегира своите гласови на еден пратеник.

Според Џафери, негова одговорност е да обезбеди алтернативни начини за функционирање и на нашиот парламент и би било неодговорно да се затвораат очи пред таа неопходност. Да биде поуверлив, тој посочи дека и работењето сега во алтернативната сала не е според Деловникот на Собранието. (С.Ј.)