Џафери: Потребна е визија за големата слика, сеопфатна, а не тесна и исклучувачка


Потпишувањето на Декларацијата на Обединетите нации, обврската и посветеноста кон принципите и целите на меѓународните закони и правда и владеењето на правото засновано токму на ова меѓународна право е гаранција за мирот и безбедноста во светот, истакнал претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери во обраќањето на Самитот на Универзалната федерација за мир на тема „Мирот, безбедноста и човечкиот развој во Југоисточна Европа“ што се одржа во Тирана, Албанија.

Чувањето на овој мир и обезбедувањето на достоинствени услови за живот, потенцирал тој, е елементарна обврска на секој човек.

– Југоисточна Европа, има турбулентна историја која не остава никого индиферентен. Секогаш имало антагонизми и раздори, секогаш било лесно да се разбудат чудовиштата и да врие казанот наречен „Балкан“, меѓутоа, се чини дека лека полека меѓутоа сигурно, се надминуваат овие штетни симптоми, говорот на омраза се заменува со современ говор на цивилизиран и визионерски дијалог, создавајќи на овој начин доволен простор за развој и унапредување на овој де на Земјината топка. Затоа што, рака на срце, ги имаме сите предуслови за создавање на здрава и добра средина за сите. Потребно ни е само искрена волја за соработка и за поддршка на едни со други, и со тоа и на себеси, потребна е мудрост и далековидост, потребна е визија за големата слика, сеопфатна а не тесна и исклучувачка, рекол претседателот на Собранието Џафери.

Во обраќањето Џафери подвлекол дека како земји не сме привлечни и интересни меѓутоа како регион можеме многу и нашите граѓани заслужуваат многу. Водени од оваа максима дека заедно сме посилни, истакна тој, уште од осамостојувањето на државата го утврдивме стратешките цели и патот по кој ќе чекориме како држава, односно зачленувањето во Европската унија и во НАТО.

– Како што ви е познато, Република Северна Македонија работеше и продолжува да работи многу на полето на унапредување и зацврстување на добрососедските односи затоа што веруваме дека само искрениот пристап кон недоразбирањата и кон отворените прашања и водењето на политички дијалог се до исцрпување на сите можности, може да доведе до компромисот прифатлив за сите. Како резултат на овој несебичен ангажман беше потпишувањето на двата договори, односно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и Договорот со Република Грција со кој се надмина повеќегодишниот спор и кој не спречуваше во постигнувањето на нашите стратешки цели, односно интегрирањето во НАТО и во ЕУ. Сега, овој процес е деблокиран и очекуваме до крајот на оваа година да станеме 30-та полноправна членка на НАТО додека во насока на зачленувањето во Европската унија, знам дека сте запознаени од причина што и Република Албанија ја живее истата судбина како и ние, рекол Џафери, соопшти денеска неговата прес-служба.

Тој се осврнал на неговото учество во Стразбур, на Европската конференција на претседатели на Парламенти на Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде имал средба со претседателот на Европскиот парламент и со други европратеници. За време на разговорите што се одвиваа во искрена и пријателска атмосфера, информира Џафери, било укажано на тоа што постојано се повторува од сите дека поддршката за нашата евроинтеграција продолжува и понатака.

– Признаваат дека е нанесена неправда, меѓутоа и дека не смееме да губиме надеж и дека треба да го следиме истиот пат на исполнување на критериумите, односно правењето на реформите. Јас реков дека разочарувањето е природно кај сите, меѓутоа и тоа дека за нас е неприфатлива каква било евентуална алтернатива на процесот на пристапување, односно, ставањето на земјата во категоријата на соседство на ЕУ и истакнав дека Берлинскиот процес е комплементарен со процесот на евроинтеграција преку кој земјите на Западен Балкан можат да постигнат забрзан напредок на реформите и ние сме сериозно посветени кон процесот во интерес на поскорото интегрирање во Европската унија, рекол Џафери.

Потврда за поддршката на нашите две земји, подвлекол Џафери, е и Резолуцијата што се усвои во Парламентот со огромно мнозинство и со признавање на сите напори и реформи што сме ги направиле.

– Се разбира дека нашите активности нема да застанат тука и дека и понатака ќе продолжиме во сиот ритам затоа што тоа е за развојот и напредокот на нашите земји, за безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани и за еден поквалитетен живот за сите. Ќе продолжиме да градиме мостови на соработка и приближување меѓу нашите народи, нашите држави и целиот регион и светот. Ќе продолжиме со заеднички проекти за да бидеме конкурентни со развиениот свет во технолошки, еколошки, културен, научен, интелектуален, уметнички и друг аспект, затоа што имаме човечки потенцијал, имаме силна волја и и имаме далековидност да бидеме примерни, потенцирал во обраќањето претседателот на Собранието Талат Џафери.