Џафери поднесе предлог за измени на Деловникот за да може Собранието да работи електронски


Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, денес поднесе Предлог на деловник за дополнувања на Деловникот на Собранието на Република Македонија, по скратена постапка, соопшти Собранието.

Имајќи ја во предвид новонастанатата состојба предизвикана од Корона вирусот COVID-19, поаѓајќи од уставно загарантираната функција на Собранието на Република Северна Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, кој својата организација и функционирање  ги уредува во согласност со Уставот и Деловникот, потребно е одредбите од Деловникот на Собранието да се усогласат спрема новонастанатата здравствена состојба. Предложените измени се токму  во насока на постигнување на таа цел односно, непречено работење на Собранието со овозможување на далечинска односно електронска работа на пратениците со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела, а  во исто време овозможување на остварување на претставничката функција.

Ова е идеја на парламентарното мнозинство за која се разговарало на секоја координација на парламентарните партии кај спикерот Џафери, во последните три месеци, пренесе Телма.

Прашањето било отворено и на денешната координација, но не е постигната согласност. ВМРО ДПМНЕ го отфрла ваквиот предлог како неуставен. Последните недели, работата на Собранието и капацитетот за носење закони се доведени во прашање поради отсуство на пратеници кои имаат решение за изолација или самите се заболени.

Во моментот, шест пратеници се отсутни, со што, владеачкото мнозинство се сведува на максимум 56 пратеници во салата. Десетина закони и исто толку одлуки, за кои расправата е завршена, чекаат да бидат изгласани кога ќе се соберат доволен број пратеници.

Од наредната недела, почнува дебатата за Буџетот за 2021, за што повторно е неопходно мнозинство од барем 61 пратеник.