Џафери: Партиите да ги надминат разликите за избор на функционери на важни институции

Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ги повика координаторите на пратеничките групи да се сретнат и да се договорат за распоредот на политичките сили во комисиите, поради новата констелација на односи во Собранието, со цел да се одблокира работата на Комисијата за избори и именувања, за може да се утврдат предлозите за избор на функционери во значајни институции.

Џафери, на средбата со новинарите, рече дека не е во неговата надлежност распоредот на сили во собраниските тела. Посочува дека за тоа се предвидени решенија во Деловникот. Истакна и оти не е практика во собраниските комисии мнозинство да има опозицијата.

– Факт е дека во досегашниот период стојат нерешени прашања по однос на важни прашања за функционалноста на битни институции во државата, а кои првично треба да поминат низ Комисија за избори и именувања. Причините дел се политички затоа што не можат да се усогласат политичките партии, дел се поврзуваат со политичките теми. Како претседател на Собранието, немам надлежности во работата на работните тела, затоа што тие се формирани со одлука на Собрание и согласно тоа им се дадени надлежности на претседателите на комисиите. Единствена моја надлежност е доколку претседател на Собрание одбива да свикува седница, јас имам деловничка можност да свикам седница, да определам кој ќе ја води комисијата и да се одржи комисија. Не е прашањето дали се свикуваат седнците, седници се свикуваат, но нема епилог, рече Џафери.

Во однос на тоа дека се уште нема избор на нов државен ревизор, а оваа недела истекува мандатот на заменик државниот ревизор, Џафери апелираше до сите политички партии да ги надминат разликите за вакви битни прашања.

– Апелирам на сите и укажувам на сите дека најбитните државни институции, вклучувајќи го и државниот ревизор и заменикот се со истечен мандат, да преземат мерки и активности за да ги надминат разликите и поради едно прашање да не ги кочат сите прашања во работата на работните тела. Мојата надлежност е толку, тоа е работа на работните тела, на консензус меѓу политичките партии. Јас секојдневно апелирам заради институциите, заради граѓаните, заради државата да си ги завршат тие работи, рече Џафери.