Џафери одби да ги стави на дневен ред интерпелациите на Маричиќ и Николовски


Спикерот на Парламентот, Талат Џафери, го одби денес барањето на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да ги стави на дневен ред и интерпелациите на министерот за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за антикорупција Александар Николовски, покрај таа на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

-Нема веќе 36 седница, таа заврши, им порача Џафери на пратениците од опозицијата, објаснувајќи дека по нивно барање нивните интерпелации биле симнати од дневниот ред на 36-та седница, на која се гласало и за пакетот економски мерки, и сега ако сакаат да се расправа за нив, треба да поднесат нова иницијатива. Едноставно кажано, според Џафери, барања за интерпелации за Маричиќ и Николовски нема, ако нема нова иницијатива. 

Ваквото објаснување на Џафери, кој се повика на Деловникот за работа на Собранието, Мицевски го нарече скандалозно. 

-Вие баравте да се тргнат тие интерпелации. Таа процедура сега е беспредметна, истечени се роковите, му одговори Џафери.

Мицевски праша дали интерпелациите биле на официјален дневен ред, бидејќи и други точки биле симнати од него.

-Процедурата не е завршена, бидејќи вие не ги ни ставивте на дневен ред фицијално. Тоа беше предлог дневен ред, тврдеше Мицевски.

-Што имав да објаснам за Деловникот, објаснив. Што сфативте, сфативте, му реплицираше Џафери, тврдејќи дека нема право да врати на гласање нешто за што е веќе гласано.