Џафери од Пелинце: И во поделбите има луѓе со визија


 

Во Илинден наоѓаме сила за продолжување понатаму во градењето на заедничката иднина на нашата заедничка држава. За нас, за нашите идни поколенија, идни граѓани на европското и светското семејство на народи, славејќи ги и празнувајќи ги вредностите кои нѐ обединуваат и поврзуваат, вредности кои нѐ прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Вака го објасни значењето на Илинден претседателот на Собранието, Талат Џафери во неговото обраќање во Меморијалниот комплекс на АСНОМ во Пелинце.

„Настаните во минатото не уверија дека само сплотувањето кон заеднички дом за сите, со јасна визија, мудрост и разум е единствената, природна и остварлива крајна цел. Ако се однесуваме одговорно и разумно кон државата и граѓаните, со взаемна почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право, тогаш патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденц“, рече Џафери.

Тој нагласи дека „ќе го кажам тоа што на сите ни е познато, а тоа е дека ниту една земја не наиде на поголеми пречки од Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци, А тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел. Сепак, и во тие лоши времиња на делби, имаше и сѐ уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато, и тоа не на лесен начин и предадено во аманет. Луѓе кои и во најцрните сценарија гледаа светла точка и подотворена врата на можности за зачувување и зацврстување на темелите на државата, на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет“.

Џафери верува дека тврдоглаво држење за една флоскула која на крајот на краиштата е само празна флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение, туку само ан блок ги одбива можностите, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Македонија. „Тврдењето дека само така се сака државата, губејќи се при тоа себеси, државата и се разбира идентитетот, секако дека не е прифатлива опција. Затоа што, идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија“, рече Талат Џафери.

„Донесовме тешки, државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон евроатланската интеграција и на тој пат политички созреавме и ние како политичари и нашите граѓани. Бевме и сѐ уште сме посветени на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи, и на тој пат ја имаме сета поддршка на нашите меѓународни партнери и пријатели. Со нивна силна поддршка го направивме и долгоочекуваниот чекор кон европското семејство. Ја одржавме првата меѓувладина конференција со Европската унија. Дали ќе биде лесно? Се разбира дека нема да биде лесно, па играта само што започна! Сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство! За тоа ни треба единство“, нагласи Џафери.

Тој го заклучи своето обрачање со зборовите: „Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани“.