Џафери очекува од денес да се знае новото владино мнозинство


Синоќа нешто по 11 часот спикерот на Парламентот Талат Џафери се врати во Собранието и порача дека процедурата мора да биде испочитувана и да се заврши седницата. 

-Ќе ја затвориме и ќе констатираме дека не е изгласана недоверба на Владата. Има процедура, мора да се заврши, рече тој. 

Претходно, во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 коментираше за денешните случувања во Собранието. Тој напомена дека можно е од денес да се знае и тоа како ќе изгледа новото мнозинство. Џафери додаде и дека не е исклучена можноста пратеникот од редовите на Беса, Кастриот Реџепи, да биде дел од актуелното мнозинство, но сепак тоа ќе биде лична одлука на Реџепи.

Инаку, пратениците на опозицијата кои од утринава беа присутни со цел да се изгласа недоверба на владата, го напуштија Собранието иако најавуваа дка ќе чекаат до 12 часот. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, истакна дека нема да ја повлечат иницијативата за гласање на доверба на владата, но ќе си заминат.

Тоа значи дека СДСМ, ДУИ и другите коалициски партнери вечерва се одбрaнија од иницијативата за изгласување на недоверба на владата, поднесена од 61 пратеник од опозицијата, плус владејачката Беса, која одлучи да ја промени страната поради однесувањето на ДУИ. Сепак, сега власта се потпира на само 59 пратеници. Според неофицијални информации  Алтернатива е на чекор до конечен договор за приклучување во владата, во која треба да добијат две министерски места, при што министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, кој е генерален секретар на Беса, ќе биде разрешен од министерската позиција. Доколку се официјализира влезот на Алтернатива во владата, тоа значи дека парламентарното мнозинство би имало 64 пратеници. Според пишувањето на „Фокус“ преговори се водат и со еден од 8-те пратеници на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, кој може да биде 65-тиот пратеник на новото мнозинство.

Ллидерот на Алтернатива Африм Гаши запрашан доцна вечерва дали ќе остане во опозиција или ќе влезе од Владата на Заев рече дека прашањето е лесно,  но одговорот е тежок.

-Ќе се консултираме со сите релевантни фактори, меѓународни, регионални и внатрешни фактори и ке одлучиме како понатаму. После ова денеска Алтернатива не се гледа во иста влада со БЕСА. Ние сме одговорна партија, не ни одговараат избори сега, рече Гаши.

Тој додаде  дека ќе бидат конструктивни овој период.

– Ни треба стабилност. Како претседател на опозициска партија би рекол дека добро е да има брзи избори, но како одговорен политичар сметам дека не треба да има избори. Не е одговорно и чесно кон граѓаните. На последните парламентарни избори граѓаните кажаа која Влада треба да ја води државата, на локалните избори граѓаните кажаа кој треба да ги води општините. Затоа велам, треба да сме одговорни и да бидеме конструктивни и кооперативни, треба да има стабилност во земјата, порача Гаши.

Генерално тој изјави дека како партија немаат забелешки за СДСМ на Зоран Заев.

-Тие имаат заслуги за членството на државата во НАТО. Имаат заслуги и за европската агенда – рече Гаши на ТВ 21.

Запрашан за непојавувањето на Реџепи, лидерот на Алтернатива рече дека 10 минути пред почетокот на седницата сфатиле дека им недостасува еден пратеник од БЕСА, и по неколку јавувања виделе дека нема да успее иницијативата.