Џафери: Нема злоуботреби со патните трошоци


Фото: Б. Грданоски

Праксата на констатација дека е злоупотреба од страна на пратениците е веќе осуда. Секој кој што има дилема дека во нешто има злоупотреби има соодветна институција која треба тоа да го потврди, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Тој вели дека до него нема индиции дека има злоупотреби на патните трошоци од страна на пратениците.

Последните истражувања на јавното мислење, конкретно ова на Институтот за демократија, покажуваат дека 72 проценти од испитаните граѓани сметаат дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат интересите на политичките партии, а околу 62 проценти од нив сметаат дека Владата има контрола врз Собранието.

„Изборниот модел е таков што на избори учествуваат политички партии кои се преставени преку изборните листи и во секој случај пратениците се бираат преку листи на политичките партии и во тој контекст застапувањето на избирачите е преку поддршката на политичките партии. Била воспоставена пракса дека Собранието подолг период функционирало како институција која, условно кажано, била заткулисно поставена, во смисла, во комуникација со јавноста била во повлечена позиција по однос на извршната, односно на другите власти. И перцепцијата која што е створена преку две децении не може за еден мандат да се промени како таква. Јас го ценам тоа како перцепција и секако придонесува и како претседател на Собранието и како парламентарен состав да укажуваме на она што е евентуално дефинирано како наша слабост и придонесува кон нашите напори односите со другите власти да ги уредуваме во соодветни процедури“, вели Џафери.

Во врска со патните трошоци на пратениците, Џафери вели веќе не се работи за злоупотреба.

„Праксата на констатација дека е злоупотреба од страна на пратениците е веќе осуда. Во постапките веќе не се работи за злоупотреба. Ако веќе констатирате дека има злоупотреба не би требало да го имате овој разговор со мене. Секој којшто има дилема дека во нешто има злоупотреби има соодветна институција која треба тоа да го потврди. Има државен завод за ревизија, има антикорупциска комисија има јавно обвинителство, коишто под сомнение некој конкретно со име, не може пратениците сега 120 сме ние, под констатација дека вршиме злоупотреба“, вели тој.