Џафери негира дека јавното емитување на затворената седница со Димовски е начин да се спречи отчетот


Фото: Б. Грданоски
 

 

– Мора да знаеме како се случи тоа. Дали е случајно, дали е човечка грешка, дали некој прислушкувал. Тоа МВР ќе си утврди, го чекаме нивниот извештај. Ние како Собрание немаме можност да направиме таков стручен надзор – вели Џафери на брифинг со новинарите. 

Сепак тој признава дека во случај на итна седница од затворен карактер парламентот и во овој момент може да одржи таква седница и без извештајот на МВР.

Од друга страна, собранискиот спикер информираше дека пропадна и петтиот тендер за изградба на т. н. глува соба во Собранието, која е НАТО услов и со која ќе се надминат вакви пропусти.Не бил избран ни еден понудувач бидејки имало технички пропусти во понудите. Цената на тендерот е над 33 милиони денари, односно половина милион евра.

Планирано е глувата соба да биде адаптирана просторија во внатрешноста на парламентот, без контакт со надворешни ѕидови. Нов тендер се планира на почетокот на наредната година.

Инаку, пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во дебата за една телевизија изјави дека не се осудува да зборува отворено во законодавниот дом затоа што никој не гаранатира дека Собранието е заштитено од надворешни системи за прислушување.

Тој потсети и на досегашните обиди за инсталирање на  „глувата соба“ во Собранието, односно просторија заштитена од било каква можност за прислушување, но, како што истакна и по четири пропаднати тендери, законодавниот дом сè уште кубури со ваков систем за заштита.

„Нека ја направат. Друга можност е во Агенција за национална безбедност. Инаку, немаме протокол. Некој  влегува со два телефони, првиот го остава, а другиот не“, додаде Трајанов.