Џафери не сака да се спушти на „нивото на Христијан Мицкоски“

Договореното на координација некогаш не важело до понеделник, некогаш уште веднаш до попладнето, го обвини Џафери координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски


Фото: Б. Грданоски
 
Во текот на расправата за неговата интерпелација, спикерот на Собранието, Талат Џафери, ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кога зборуваат, да се погледаат во огледало, отфрлајќи ги нивните обвинувања дека работи надвор од процедурите и деловникот на институцијата и дека имал навредлив однос кон опозицијата.
 
 „Да се погледне во огледало секој што ќе стане да го обвинува другиот и пред да го направи тоа, самиот да се преиспита што е што во нештата, кога ќе се спорат фактите и аргументите“, кажа Џафери.
 
Тој тврдeше дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано го навредуваат.
 
„Колку и да ми делите епитети, нема да се спуштам на ниво на Христијан Мицкоски и да делам дискфалификации на лична основа. Знае претседателот на опозицијата, му овозможив на ратификацијата на НАТО договорот да седи тука во пленарната сала, што претходно никогаш не се случило со лидер на опозиција“, рече Џафери.
 
Тој нагласи дека како претседател, побарал самиот од Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на работата на Собранието.
 

„Тоа не се случило никогаш претходно. И ниедна незаконитост не е најдена. Тоа што нема имотен лист за зградата на Собранието е стара работа, 30 години, не сум јас причината. Читајте ги извештаите. Па велите дека е дивоградба и дека се работи на црно. Па како може да кажувате така. Проверете си. Покренав постапка за бришење на маркичката за приватна катна гаража на метар и пол од вашите канцеларии. Собранието е објект од прва категорија на безбедност. Поднесов барање до Владата да донесе одлука за доделување на користење на Собранието и таа е спроведена“, рече спикерот Џафери.

Во однос на тврдењата дека се однесувал со пцости кон службениците на Собранието, Џафери реплицираше:

„Вие ги држевте службениците во подрумите како затвореници. И сега, кога тие работи се надминати, ќе ми префрлате за односот кон нив. Па тие мора одговорно да работат, зашто се работи за парламент.  Во ‘топ’ ме ставивте за 100 компјутери за службениците, а тие мора да имаат на што да работат. Ќе работам според Деловникот и моите надлежности, нема да дозволам да се вратат сликите од 2012 за буџетот, или од 20167 година, или да дозволам тука да се доаѓа и да се корне микрофонот. Да ве потсетам дека во 2018 година овде се качи вашиот Груевски и сакаше директен контакт со мене”, рече Џафери.

Џафери потоа рече дека не се фер, зашто тој и нив како опозиција и сите други пратеници ги бранел од секакви напади од надвор.

„Ве бранев со цел да го зачувам интегритетот на институцијата и на пратеничката функција. Знаете вие Мицевски, да ве потсетам кога камери одеа по дома да ве снимаат, се секавате кога беше актуелно прашањето за патните трошоци?“, рече Џафери.

 

Фото: Б. Грданоски

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во образложението на интерпелацијата рече дека владејачкото мнозинство е опиено од власта и живее во розов свет. Тој цитираше дел од писмениот одговор на Џафери на поднесената интерпелација, каде тој вели дека тврдењата на подносителите се обид за девалвирање на неговите постигнувања како претседател, па нагласи:

„Собранието во последните пет години е претворено во гласачка машина за гласање на криминалните зделки на власта и се злоупотребува европското знаменце. За какви достигнувања зборувате? Освен тоа, одземата збор неделовнички, а направивте и голем неделовнички деловник, за кој може да се одговора и кривично, е кога на 25 мај ја заклучивте опозицијата за да не излезе. Не држи оправдувањето за пребројување на присутните  пратеници. Кодексот за работење на пратениците го погазивте“,  рече Мицевски и го стутка Кодексот на говорницата.

Поминуваат закони во скратени постапки, се повикувате на европски знаменца, дозволувате да поминат одредени работи, рече Мицевски.

„Тука ја затворивте приказната за кодексот, за меѓусебното однесување и соработка меѓу пратениците”, рече Мицевски, па додаде.

„Можам да заклучок, дека договореното на координација некогаш не важело до понеделник, некогаш уште веднаш до попладнето. Понекогаш поради тоа не можеме да ги планираме активностите внатре во оваа зграда, а не па за активности надвор од Собранието кои ни се предвидени како народни избраници. Не се однесува ова само на нас од опозицијата, туку и владејачкото мнозинство не може да си ги планира активностите, и тие се жалат, ама не и јавно преку говорница”, рече Мицевски.

Тој потсети дека имаше и други интерпелации, дека не ги ставил на пленарна седница, две за Никола Димитров, додавајќи дека сега „ според настаните во последно време, станува јасно зошто подоцна власта Димитров го пушти низ вода“.

„Koлку и да имате направено добри работи, не велам дека нема и добри работи, но со злоупотребата на европското знаменце, на скратените постапки, на повреди на деловникот, имате направено мноу постапки за да ја заработите интерпелацијата и таа да биде изгласана, заради угледот на ова Собрание”, рече на крајот Мицевски.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска во своето излагање, меѓу другото, рече дека тој се однесувал кон пратенички, како и кон неа, како да се наоѓаат во некое кабаре и рече дека ако овие зборови Џафери ги проголкува како албанофобија, дека таа ќе рече дека тој е женомразец.

Џафери на тоа реплицираше: „Ако се чувствувате како во кабаре, играјте си ја таа улога“. (Н.В.)