Џафери најавува собраниска поткомисија која ќе ги разгледува ревизорските извештаи на ДЗР
Пристапот кон ревизорските извештаи треба да е униформен и објективен, без оглед кој е на власт, вели претседателот на Собранието
Она што е важно при разгледувањето на ревизорските извештаи е да премине во навика, да постои високо ниво на единственост помеѓу различните политички опции, да биде објективно при што ќе биде ирелевантно кој е носител на извршната власт или на која политичка опција припаѓа определен избран функционер, односно независно од тоа кои партии се на власт, а кои во опозиција, пристапот во третирањето на ревизорските извештаи треба да биде униформен, објективен, транспарентен со високо ниво на стручност во читањето, разбирањето и одлучувањето по ревизорските извештаи од страна на пратениците.
Ова истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната онлајн промоција на твининг проектот во Европската куќа во Скопје, финансиран од Европската Унија (ИПА програма 2018) „Подобрување на надворешната ревизија и Парламентарниот надзор“.
Џафери нагласи дека со поддршка на ЕУ реализирани се две студиски посети на пратеници со цел размена на искуства за тоа кои реформски чекори треба да ги преземе Собранието особено правни и институционални во насока на воспоставување одржлив систем на соработка со ДЗР во делот на надзорот на трошењето на јавните средства и поголема отчетност на органите и институциите во јавниот сектор кои се користат од буџетот на државата и при тоа посочи дека во Собранието веќе се започнати консултации за формалното третирање на ревизорските извештаи во насока на воспоставување на ефективен механизам на разгледување на ревизориските извештаи и донесување заклучоци.
-Најсоодветно тело за разгледување на извештаите е Комисијата за финансирање и буџет, но се размислува и за формирање на поткомисија во рамки на комисијата.Треба да се направат измени и дополнувања на Законот со кои би се вовела законска обврска за разгледување на ревизорските извештаи бидејќи во моментов истите се доствуваат во Собранието само за информирање. За таа цел во стратешкиот план на Собранието за 2021-2023 се планира да се вгради механизам на доставување на конечните ревизорски извештаи со групирање по теми, запознавање на пратениците со истите и разгледување на конечните ревизордски извештаи во Собранието, рече Џафери.
Во рамките на овој твининг проект првиот чекор е подготовка на меморандум за сорабoтка помеѓу Собранието и ДЗР за кој, вели, се надева дека ќе може да се потпише до крајот на август бидејќи нацрт меморандумот е подготвен и ќе биде презентиран во Собранието.
Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегација на Европска унија во Република Северна Македонија истакна дека ефикасен систем за јавни финансии е предуслов за развој на една држава, го намалува процентот на корупција и се гради довербата кај граѓаните за тоа како се користат финансии. Овој проект очекува дека ќе биде корисен и важна алатка за споделување на добрите практики предлози и идеи врз основа на најдобрите модели што ги има во ЕУ и ќе придонесе значајно во процесите на ревизијата, зајакнувањето на надворешните ревизии и зајакнувањето на парламeнтарниот надзор.
-Реформирањето на јавните финансии е клучен дел за пристпот во ЕУ и затоа е многу важно да се започнат овие реформи за интеграција во ЕУ, но пред се за интерес на еконосмскиот развој и во интререс за сите. ЕУ ги поздравува реформите за управување во јавните финансии вклучувајќи го и зајакнувањето на надворешната ревизија. Во последните неколку години ЕУ ги поддржуваше јавните финансии со околу 35 милиони евра. Овој проект е уште еден доказ дека ЕУ останува со вас поддржувајќи го овој важен сектор и сите предизвици кои престојат, рече амбасадорот Гир.
Главниот ревизор на Државниот завод за ревизија, Република Северна Македонија, Максим Ацевски меѓу другото истакна дека врвните ревизорски институции можат да ја исполнат својата задача објективно и ефективно само ако се независни од субјектите на ревизија и ако се заштитетни од надворешни влијанија. Имајќи предвид дека членството во ЕУ е врвен приоритет на РСМ искуствата кои ги имаат врховните ревизорски институции на земјите членки на ЕУ се од суштинско значење за осигурување на оперативната и финансиската независност на ДЗР преку зајакнување на законската рамка за државна ревизија.
-ДЗР обезбедува поддршка на Собранието во исполнување на неговите надлежности преку идентификација и презентација на соодтветно постапување при користењето на јавните средства, можни случаи на корупција и злоупотреба на функцијата. Успешната реализација на овој твининг проект ќе помогне да ја подобриме ефикасноста и влијанието на надворешната ревизија во државата преку поматамошно усогласување на правната рамка, развивање на методологијата, зајакнување на капацитетите на ДЗР за ефикасно спроведување на надворешните ревизии како и зголемување на Собрансикиот надзор врз јавните фондови и подобрување на сорабиотјата меѓу ДЗР и Собранието, рече Ацевски.
Проектот го спроведува Државниот завод за ревизија (ДЗР) на Република Северна Македонија, во соработка со твининг партнери од земји членки на ЕУ – Државниот завод за ревизија на Република Хрватска и Национален завод за ревизија на Република Бугарија. Покрај тоа, Собранието на Република Северна Македонија, се посочува во најавата за настанот, е исто така важен партнер во спроведувањето на проектот.
Во текот на проектните активности, ќе се организираат обуки за повеќе од 90 учесници, и ќе бидат спроведени голем број тркалезни маси и работилници. Во здружена работа со експертите од земјите- членки, ревизорите на ДЗР ќе спроведат 15 пилот ревизии во седум области на ревизија, а 45 ревизори од ДЗР ќе стажираат во земјите-членки на ЕУ и ќе бидат организирани 6 студиски патувања во партнерските институции во земјите на ЕУ. Во проектот ќе бидат вклучени повеќе од 40 краткорочни експерти од Р..Хрватска, Р. Бугарија, Р. Естонија , и С.Р. Германија.
Проектот започна на 1 февруари 2021 година, временската рамка за негово спроведувње е 21 месец, а буџетот на проектот е 1,5 милиони евра.