Џафери најави седница на Собранието за понеделник, за потпретседателите чека писмен предлог
Талат Џафери повика на инвентивност во функционирањето на Собранието, а пред сѐ на комисиите, споменувајќи можност да работат во редуциран состав
Слободанка Јовановска
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потврди дека политичките партии се согласиле околу составот на раководните тела и кој ќе ги предводи, така што тој очекува веќе денес да заврши со работа Комисијата за избори и именувања, по што веднаш ќе свика седница на парламентот за понеделник попладне на која ќе се потврди изборот и ќе се верификува мандатот на новата пратеничка која ќе дојде на местото на министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Притоа, Џафери соопшти дека од Владата ги добил предлозите за тоа како ќе се одвива основното и средното образование, а од претседателот петте одлуки за вонредната состојба, за кои треба двотретинско мнозинство, за кои се неизбежни консултации со опозицијата за да поминат.
Околу отсуството на пратеникот Арбен Зибери, Џафери најави дека има шанси веќе денес да биде пуштен од Инфективната клиника, ако резултатот на тестот покаже дека е негативен на корона вирусот. Во случај да му биде продолжена изолацијата а тестот покаже дека е негативен, тој ќе дојде само за гласање како при изборот на Владата.
„Не е екслузивно право на мнозинството да обезбеди форум. Тоа е во интерес на сите. Затоа најавив дека во понеделник ќе свикам седница и очекувам да се обезбеди кворум“, рече Џафери.
Тој порача дека треба да се размислува за алтернативни решенија за ситуации како оваа, кога некој друг пратеник ќе биде инфициран од корона вирусот, бидејќи регулатива нема. „Ако се држиме стриктно за тоа Собранието да се одржува во редовната сала и според актуелните процедури, ќе треба да ставиме клуч на вратата“, рече Џафери.
„Мора да имаме алтернатива што, како и каде за вонредни стуации“, рече Џафери споменувајќи го и пожарот во Инспекторатот за животна средина како непревидлива ситуација за која сега се бара решение. Џафери притоа ги спомна и хидрантите, порачувајќи дека мора да има некој одговорен кој треба да проверува дали тие се употребливи или не.
„Мора да има процедура за редовна и за вонредна состојба“, рече Џафери, споменувајќи дека и во шпанскиот Сенат ратификацијата на нашиот прием во НАТО била изгласана онлајн, што беше преседан и за нив.
За одржување на седниците онлајн Џафери рече дека се потребни одредени технички подготовки и соодветен софтвер кој треба да се набави по соодветна процедура, што ќе бара време, така што и да се реши да се организира ваков алтернативен начин на работење на парламентот, тоа не може да се спроведе веднаш и не треба да биде правило туку опција во краен случај. Тој повика на инвентивност во функционирањето на Собранието, а пред сѐ на комисиите, споменувајќи можност да работат во редуциран состав.
Околу законите што биле во процедура за време на претходниот состав, како и барањето на Заводот за статистика да се донесе закон за попис, Џафери рече дека за нив постапките треба да почнат од почеток, бидејќи нема континуитет на работата од еден до друг собраниски состав.
На прашањето дали очекува во наредната година да се одржи сепак пописот, Џафери одговори технички, дека ако има одлука за тоа, попис ќе се одржи. Прашан дополнително кога треба да почне постапката во Собранието за да се спроведе пописот, Џафери рече дека ако сакаме попис во 2021 година а не се донесе нов закон, тој ќе се одржи според старата регулатива и процедура.
Министрите на кои им престанал мандатот и околу четириесетина пратеници, според Џафери, имаат рок од 30 дена да поднесат барања за апанажа.
„Очекував да го отворите прашањето за потпретседателите на Собранието, но никој не го покренува“, ги испровоцира Џафери новинарите, додавајќи дека првичниот предлог бил пет потпретседатели. По консултациите што ги имал со партиите, надвладеало мислењето дека одлуката треба да ја донесе тој.
„Зошто?“ – праша Џафери и одговори самиот. Според него, Законот на Собранието има пропишано четири обврски кои, за да се спроведат, предвидуваат постоење на потпретседател кој ќе ги спроведува.
„Во принцип, претходно од сите потпретседатели едниот беше Албанец, што беше непишано правило. И колку потпретседатели се тоа – пет“, порача Џафери. ДУИ се исклучува од можноста да даде потпретседател бидејќи има претседател на Собранието, еден мора да е од најголемата опозициска партија, а СДСМ досега предлагала еден од својата партија и еден од коалициските партнери, објасни Џафери дека тој мора да води сметка за застапеноста и политичка и етничка.
„За ваков спикер и пет заменици се малку“, рече Џафери додавајќи дека за дома не му треба ниту еден бидејќи сам си ги врши сите работи. Тој беше навреден од насловот во медиумски текст дека „Талат петмина ќе го галат“, порачувајќи дека има општествена и институционална култура но лично и одреден личен конзервативизам, па ваков вокабулар му пречи. Затоа наложил дека седницата за потпретседатели ќе продолжи кога написмено ќе му достават предлог, потврдувајќи дека сепак еден може да одговори и на две обврски или улоги во Собранието.
„Јас прифаќам слобода на медиуми но таа не може да се судри со мојата слобода. Јас имам семејство, не можам да бидам изложуван на ваков потсмев, дека некој треба да ме гали“, рече Џафери.
„Не сум јас вреќа за удирање“, додаде Џафери, околу настојувањето пратеничките групи писмено да се изјаснат за бројот на пратениците.