Џафери на средба со Мими Кодели: За регионот нема друг пат освен членство во ЕУ и НАТО


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери,
денеска оствари средба со Мими Кодели, претседателка на Комисијата за надворешна
политика на Собранието на Република Албанија.

Претседателот Џафери истакна дека оваа посета е од особено значење за него, имајќи
предвид дека односите меѓу двете земји се одвиваат на највисоко ниво и се без отворени прашања. Тој стави посебен акцент на актуелниот статус на двете земји на интеграцискиот пат кон Европската Унија и додаде дека и покрај недобивањето датум за почеток на
преговорите, верува во кредибилитетот на Унијата и капацитетот на Советот да го препознае моментот и да даде зелено светло за отпочнување.

Претседателката на Комисијата за надворешни работи на Собранието на Република
Албанија, Кодели, изрази големо задоволство за реализирањето на оваа средба. Таа ја
поздрави работата на претседателот Џафери, особено во овој чувствителен период за двете земји кои продолжуваат со дури поголем интензитет во затворање на пукнатините во ѕидот кој моментално стои пред патот кон ЕУ. Претседателката Кодели изрази уверување дека, оваа неизвесност ќе се надмине, убедена дека со актуелните случувања во Унијата и со евентуалното отпочнување на преговорите, двете земји ќе покажат зрелост во процесот и ќе ја сменат перцепцијата на земјите членки на ЕУ кон регионот.

На средбата со свој придонес се вклучија и членовите на Делегацијата од Албанија кои
беа во мешан состав, односно претставници од власта и опозицијата и со тоа всушност ја праќаа пораката која важи и за нашата домашна политичка сцена, односно, кога се работи за големи, државнички и суштински прашања за иднината на двете земји, за иднината на регионот, сите политички фактори се на истата страна, на страната на разумот и компромисот и се ангажираат искрено и конструктивно во подобрувањето на политичката клима на домашната сцена.

Соговорниците беа согласни дека за регионот, нема друг пат освен полноправното
членство во Европската Унија и во НАТО, при што, збогатувањето на билатералните односи во различните сфери како економијата, образованието, културата, туризмот,
инфраструктурата и други области од заеднички интерес, може да биде само додадена
вредност за земјите и за регионот во целина.