Џафери на конференција на спикери на парламенти на ЕУ на Брдо при Крањ


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери втор ден учествува на конференцијата на спикери на парламенти на ЕУ, што денеска и вчера се одржува на Брдо при Крањ, во организација на Националното собрание на Република Словенија, во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.

Претседателот Џафери е поканет од страна на претседателите на земјите членки на ЕУ да се обрати како воведен говорник во вториот панел.

На конференцијата учествуваат претседателите на парламентите на земјите членки на ЕУ, на земјите кандидати и партнери на Европскиот парламент.

Како што соопштија со собраниската прес-служба, дискусијата е поделена во два панела: за улогата на парламентите во спроведувањето на политиките на вонредна состојба и начините за градење отпорност и заштита на демократското владеење, како и за улогата на Европската унија како гарант на стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот и поширокото соседство.

На маргините на конференцијата, како што е најавено, претседателот на Собранието Џафери ќе оствари билатерална средба со потпретседателката на Националното собрание на Француската Република, Лаетита Сен-Пол.

Џафери вчера на маргините на конференцијата имаше средби со претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчич и со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Никола Минчев.