Џафери: Лаптопите биле швајцарска донација за Собранието, не за пратениците
Околу набавката на сто лаптопи во вредност од по илјада евра во време кога училиштата немаат доволно опрема за онлајн настава, претседателот на Собранието Талат Џафери денес порача дека набавката е дел од соработката со швајцарската амбасада и е објавена од поодамна од Бирото за јавни набавки.
Според него, уште лани во јуни го презентирале проектот за поддршка на Собранието од страна на швајцарската влада за наредните десет години во вредност од 11 милиони швајцарски франци. Врз основа на него е донесен планот за јавни набавки на Собранието во кој има дел што ќе се оствари со наши сретства, а дел со пари од проектот. Во планот за јавни набавки, соопшти Џафери, било предвидено да се набават сто компјутери за службите на Собранието, а не за пратениците.
-Кога ќе дојде пратеник да му се даде компјутер да работи. Најмалку оваа набавка има врска со онлајн работењето на Собранието, порача Џафери.
Околу тоа зошто не е платено ДДВ за нив тој потсети дека донациите не подлежат на оданочување и овој проект не е исклучок.
Околу Законот за заштита на населението од заразни болести што треба да создаде законска основа за примена на новите мерки против епидемијата во време кога таа зема замав, Џафери, рече дека дека не е негова надлежност да утврдува во што не се согласуваат политичките партии и координаторите на пратеничките групи. Место тоа, тој им порача дека треба да се договорат околу него, дали да се тргне како точка на дневен ред и дали треба претходно да се утврди дека има потреба од таков закон.
-Тоа е разногласие меѓу политичките партии не на Собранието. Прво треба да се изгласа потребата од донесување од ваков закон, па службата по автоматизам да ја стави таа точка на дневен ред по скратена постапка. Но, таа не може да се стави на гласање додека не помине на Законодавно-правната комисија. Во што е суштината на скратена постапка тогаш? -рече Џафери.
Тој најави дека на 27 октомври е закажана седница на која засега има четири точки на дневен ред, но ако заврши постапката за ребалансот на буџетот и на Законот за антидискриминација, што очекуваше дека неделава ќе се случи, ќе ги вклучи и нив. На неа ќе се најде и Законот за заштита на населението од заразни болести бидејќи Џафери, како што рече, нема намера да свика посебна седница со една точка, и тоа по скратена постапка, откако претходното повлекување на Законот било на барање на партиите. ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа да се свика итна седница на која тие ќе го обезбедат кворумот за да може власта да ги изгласа владините мерки.
Џафери извести исто така дека уште тројца пратеници се уште се во изолација, но во понеделник им истекува рокот, а еден од нив ој беше згрижен во клиника веќе се наоѓа дома и е во добра здравствна состојба.