Џафери ќе ги посети и Штип и Виница – ако го поканат


Техничкиот премиер Талат Џафери во овие дваесетина дена од мандатот посетува само места каде што албанското население е мнозинство, пишува Радио Слободна Европа. Џафери вели дека е премиер на сите и дека тоа што го прави не е предизборна кампања. Според аналитичарите, не само Џафери, туку сите министри 100 дена пред избори само мобилизираат гласачи.

За три недели, колку што Талат Џафери ја предводи техничката Влада, на терен, тој беше во посета на обиколница во Тетово, на градинка во Липково, на Универзитетот и студентскиот дом исто така во Тетово, места со доминантно албанско население. ….Денеска, пак, го посети кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза”, најмладиот државен универзитет, на кој наставата се изведува главно на албански јазик.

Џафери вели дека нема предрасуди во однос на тоа што треба да посети и да претстави.

„Јас за себе немам никаква предрасуда по однос на ниту едно прашање што се однесува на животот и живеењето во оваа преубава држава што ја имаме“, рече Џафери, одговарајќи на новинарски прашања, зошто откако е премиер е во посета само на места во кои живее доминантно албанско население.

Запрашан дали на пример би го посетил Универзитетот во Штип или во Виница, премиерот вели: „Никаков проблем нема да направам таква посета и ќе направам, доколку ректоратот и управата искажат интерес да бидеме таму“.

Тој додава дека е премиер на сите граѓани, а кој како го перципира тоа е индивидуална работа, и како што вели, тој во тоа не се меша.