Џафери: Ќе чекам пратеничките групи да се изјаснат пред да го ставам на дневен ред предлогот за онлајн работа

Претседателот на Собранието Талат Џафери не сака да прејудицира кога би можело Собранието да гласа за неговиот педлог за дополнување на Деловникот за работа на Парламентот, со што се овозможува пратениците со позитивен тест за Ковид-19 и со решение за изолација поради контакт со заболено лице да може онлајн  да се вклучат во работата на Парламентот и работните тела. Иако, како што вели за МИА, има неформални контакти со пратениците во однос на предлогот ќе чека пратеничките групи и формално да се изјаснат за предлогот по што ќе го стави на седница.

Во моментот, според информациите од Собранието, шестмина пратеници не се во можност да учествуваат во работата на Парламентот поради Ковид-19.

Џафери појаснува дека предлогот се однесува само за пратеници кои поради Ковид-19 нема да можат да учествуваат на седниците на Собранието и на комисиите и ќе бидат на домашно лекување или домашна изолација. Пратениците тоа ќе мора да го докажат со решение од ДСЗИ.

Во предлогот, што се очекува денеска да биде јавно објавен, се Деловникот се дополнува со процедура за потврдување дека пратеникот има решение и постапката за повикување за гласање.

Пратеникот, вели Џафери, поименично ќе се повикува за да гласа, а неговиот лик ќе се појави на еден од екраните во салата. Засега се уште не е решено дали за тоа ќе се користат платформи како Зоом, Скајп или други апликации.

-Тоа допрва треба да се реши во зависност од тоа што е побезбедно, вели претседателот на Собранието.

Прелогот е поднесен по скратена постапка, но Џафери не сакаше да каже кога тој би можел да се најде на седница бидејќи сака да го слушне мислењето на сите пратенички групи. Досега, вели, имал само неформални разговори со пратениците за предлогот и би сакал да го слушне нивниот официјален став пред да го стави на дневен ред. Треба да се има предвид, вели тој, дека во понеделник почнува комисиската расправа за Предлог буџетот за 2021 година.

ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период беше против одржување онлајн седници, но пратеничката група не се изјаснила за ваквиот начин на функционирање на далечинско за време на пандемијата со Ковид-19.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за МИА утрово рече дека предлогот се уште не го виделе, и затоа не можат да го коментираат.

Предлогот на Џафери е „линија“ со неодамнешниот предлог на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, кој на почетокот на октомври на координативна средба во Собранието ја објаснил потребата од промена на Деловникот, со цел да се воведе и работа од далечина, но тоа да се однесува по исклучок.

-Тоа значи дека само оние пратеници кои се заболени или пак се наоѓаат во изолација поради контакт со заболено лице, присуствата на седниците на Собранието и на работните тела, да можат да ги извршуваат онлајн, кажа тогаш Митрески.

Џафери вчера преку соопштение информираше дека поднел предлог за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, имајќи ја предвид, како што наведе, новонастанатата состојба предизвикана од Корона вирусот COVID-19, поаѓајќи од уставно загарантираната функција на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, кој својата организација и функционирање ги уредува во согласност со Уставот и Деловникот, потребно е одредбите од Деловникот на Собранието да се усогласат спрема новонастанатата здравствена состојба.

-Предложените измени се токму во насока на постигнување на таа цел односно, непречено работење на Собранието со овозможување на далечинска односно електронска работа на пратениците со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела а во исто време овозможување на остварување на претставничката функција, се потенцираше во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Досега десетина пратеници во различен период не учествуваа во работата на Собранието поради позитивен тест на Ковид-19 или контакт со заболен.