Џафери ќе чека консензус за датумот за да му пише на Деркоски


Додека претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, го чека првиот парламентарец Талат Џафери, да потпише ново решение за изборите, со нов изборен датум, Џафери ги чека партиите да постигнат консезус за изборниот термин, по што, како што вели, ќе ја исполни својата законска обрска.

Во куса изјава за „360 степени“, Џафери посочил дека тој ги распишал изборите на 12 април, врз основа на консензусот што го постигнале партиите за избори на тој датум и за распуштање на Собранието на 16 февруари.

„Се знае според Уставот кој распишува избори. Јас како претседател на парламентот ги распишав изборите на 12 април, кога ме информираа дека има консензус. Нека постигнат консензус и ќе ја исполнам својата уставна обврска“, ни изјави Џафери.

Од раководството на СДСМ, пак, неофициајлно велат дека „секое решение на Џафери е сега неуставно“, алудирајќи веројатно на тоа дека претседателот на парламентот тврдеше дека Собранието, по распуштањето, нема мандат да се состане повторно, ниту за да прогласи вонредна состојба, ниту за да ги потврди одлуките на претседателот Стево Пендаровски.

Од СДСМ сметаат дека нема потреба од ново решение за избори, со оглед на тоа што владината уредба е донесена врз основа на решението за избори на 12 април и со неа се утврдени 22 дена за заокружување на изборниот процес по завршување на вонредната состојба.

Откако не одговараше на телефонските повици ниту од колегите од ДИК, Деркоски подоцна се огласи со став дека нема причина за закажување на седница затоа што според него, за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието да донесе решение со нов датум за избори.

-Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба, порача Дерковски.