Џафери: Каде пишува дека Парламентот може да се распушти 45 дена пред избори


Фото: Б. Грданоски

Спикерот Талат Џафери е резервиран во однос на можноста да свика вонредна седница ратификување на Протоколот за НАТО во македонскиот парламент, доколу Собранието во тој период е распуштено за да се одржат предвремените парламентарни избори. Вели дека со распуштањето на парламентот, практично, завршува мандатот на пратениците и Собранието би можело да се состане евентуално ако има такво укажување од Уставен суд.

Според Џафери, во случајот со најавените избори на 12 април не може да се влечат паралели со изборите во 2016 година кога Собранието се распушти, па пак се состана поради одложување на изборниот датум. Вели дека тогаш се донесе одлука за одложување на одлуката за распуштање на тогашниот собраниски состав. Според Џафери, никаде во Уставот не пишува дека Собранието може да се распушти 45 дена пред одржување на изборите.

Џафери посочи дека во Уставот е предвидено дека предвремени избори се одржуваат во рок од 60 дена од распуштање на парламентот. Рече дека ќе свика седница за распуштање на парламентот кога ќе добие таква предлог-одлука од партиите во парламентот. Изборниот роковник, вели, го утврдува ДИК, ама смета дека 45 дена се малку време за спроведување на изборните дејствија, затоа што, и покрај скратените рокови, потребни се по 20 дена за кампања и за увид во избирачкиот список. (А.М.М.)