Џафери исчезна, молк за иницијативата за свикување на Собранието


Претседателот на Собранието Талат Џафери не ја доставил иницијативата потпишана од 35 пратеници предводени од СДСМ за свикување на парламентот до ниту еден пратеник иако поминаа четири  дена откако таа стигна до него.Од неговиот кабинет нема ни известување зошто не го прави тоа. Ова се толкува како намера на спикерот да не се изјаснува оопшто  за иницијативата ако се има предвид дека тој и пред таа официјално да биде доставена до парламентот неколку пати изјави дека самораспуштено Собрание не може повторно да се свика.

Гордан Калајџиски денес изјави дека Собранието треба да се свика повторно бидејќи актуелната техничка влада има ограничен мандат, а препораките на Европскиот совет бараат секоја држава да обезбеди минимална контрола на Собранието врз Владата. Затоа смета дека Собранието треба да се свика и без одлука на претседателот на Собранието. Од друга страна пак професорот по уставно право Јусуф Зејнели смета дека откако двапати е прогласена вонредна состојба  нема причина за свикување седница, а донесените одлуки сега може да се оправдаат со следниот парламентарен состав по изборите.

Од СДСМ кои што ја поднесоа иницијативата велат дека очекуваат официјален одговор од Џафери, а потоа ќе ги разгледуваат другите можности. Од друга страна од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека Собранието нема можност да се свика, бидејќи е распуштено.Околу забелешката дека власта  сега има неограничена моќ и практично работи без надзор, Мухамед Зекири од СДСМ реплицираше дека опозицијата која обвинува за тоа и самата е дел од актуелната влада.

-Што се однесува до критиките дека владата во вонредна ситуација има неограничена моќ – па токму затоа како пратеничка група покренавме иницијатива согласно Уставот за итно да се свика Собранието.Уставот тоа го овозможува во член 63 став 4 кој што вели дека при воена или вонредна состојба може да биде продолжен мандатот на пратениците. Токму затоа собравме доволен број потписи и побаравме од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да свика седница. Но, за жал тој нема слух да го направи тоа, од само нему познати причини. А, уште позачудувачки е ставот на ВМРО-ДПМНЕ која исто така е против свикување на собраниска седница. Инаку, Талат Џафери заборава дека по негова иницијатива во 2016 година иако Собранието беше распуштено, тие повторно се вратија во собраниските клупи. Прашањето е сега кога бил во право Џафери, тогаш или сега кога имаме и вонредна состојба и Уставот ни овозможува продолжување на мандатот на пратениците, изјави Зекири.  Тој отфрли можност да се бара разрешување на Талат Џафери бидејќи според него тој и онака е само вршител на должноста  со истечен мандат, при што беше  убеден дека веќе нема да го гледаме на таа позиција.