Џафери и Бабиш очекуваат позитивна одлука во однос на почетокот на преговорите

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска оствари средба со претседателот на Владата на Чешката Република Андреј Бабиш, кој е во дводневна официјална посета на нашата земја.

Џафери, како што информираат од неговиот кабинет, изразил благодарност за помошта и учеството на чешките полициски службеници во надзорот на јужната граница на Република Северна Македонија, како и на досега доделените финансиски донации од Чешката Република.

Посетата Џафери ја оценил како одлична можност за продлабочување на воспоставената соработка и реализација на конкретни проекти, како што е на пример полициската соработка која покажува одлични резултати и можноста успешен концепт на соработка да се примени и во одбранбениот сектор.

Претседателот Џафери потенцирал дека ратификација на пристапниот протокол е во тек во земјите-членки на НАТО и дека досега веќе 16 земји го ратификувале, со надеж дека до крајот на годинава Република Северна Македонија и официјално ќе стане 30-та членка на НАТО. Тој се заблагодари што владината процедура во однос на ратификација на пристапниот протокол е веќе завршена и изрази убеденост дека чешкиот парламент ќе го заврши процесот на ратификација до почетокот на летниот одмор годинава.

На средбата, премиерот Бабиш истакнал дека динамиката на посетите на владино и парламентарно ниво зборува за позитивниот тренд на односите меѓу двете пријателски држави. Бабиш, како што информираат од Собранието, нагласил дека ќе ја пренесе пораката за битноста за нашето членство во НАТО до Парламентот на Чешката Република. Што се однесува до ЕУ, Бабиш потсети дека високите функционери на ЕУ договорот од Преспа го опишаа како едно од најбитните достигнувања, така што очекува позитивна одлука во однос на почетокот на преговорите.

Бабиш подвлекол дека Република Северна Македонија, освен поддршката на Чешката Република, ја има и поддршката и на Вишеградската група.

Двајцата соговорници размениле мислења и за можностите за развој на економската соработка, при што било речено дека Република Северна Македонија е атрактивна бизнис дестинација, поради што чешките компании би требало да ги искористат погодностите за инвестирање во нашите технолошко – индустриски – развојни зони, меѓу кои и поволната даночна политика.