Џафери е член на партиско тело, а не функционер за да го прекрши Уставот


Изборот на претседателот на Собранието Талат Џафери за член на претседателството на ДУИ не претставува кршење на Уставот, изјави за ТВ21, професорот по уставно право, Јетон Шасивари. Според него, треба да се направи разлика меѓу функциите во политичка партија во потесна смисла, како што е функцијата претседател на политичка партија, потпретседател, генерален секретар или организациски секретар и меѓу членство во партиски орган.

„Значи во конкретниот случај се работи за раководство на политичка партија, колегијален орган, а таму собранискиот спикер , бидејќи е избран од кандидатската листа на таа политичка партија, има право да учествува на состаноци, да предлага, дава идеи, дебатира, дискутира, но нема право да одлучува“, вели Јетон Шасивари.

Муса Џафери вчера како член на Надзорниот совет на ДУИ изјави дека прва задача како Совет ќе биде да го испитаат учеството на Талат Џафери во раководството на партијата. Според Шасивари, Џафери не прекршил ниту еден закон и, уште повеќе, кај нас имало случаи кога во исто време  претседател на Собранието бил и лидер на партија.

„Нашата 30-годишна парламентарна практика докажува дека  имавме претседател на парламентот кој во исто време ја извршуваше функцијата претседател на политичка партија. Затоа велам дека нашиот уставен модел за претседател на парламентот е таков што извршувањето функција во политичка партија значи функција во потесна смисла“, вели Јетон Шасивари.

Во меѓувреме, во членот 67 од Уставот стои дека функцијата претседател на Собранието е неспојлива со друга јавна професија или функција во политичка партија.