Џафери: Да се фокусираме на тоа што не обединува – напредокот на државата на евроинтеграцискиот пат


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во новогодишна честитка до граѓаните посочува дека мора да се фокусираме на напредокот на Република Северна Македонија на евроинтеграцискиот пат, на подобриот стандард за живот и работа за нашите граѓани, како и на подобро и поквалитетно образование за нашите млади, за иднината на државата.

Споделувајќи ги своите размислувања околу тоа низ што поминавме оваа година што одминува и што е тоа што не очекува во идната година, Џафери посочува дека треба да се насочиме кон нашето обединување како општество.

-Иако, се разбира дека не можеме да бидеме подготвени баш на сѐ, како што е на пример војната во Украина, како што беше претходно пандемијата со Ковид 19, можеме да се насочиме кон нашето обединување како општество, како граѓани за да можеме поподготвени и посилно да одговориме на предизвиците пред нас, вели Џафери во честитката.

Според него, мораме да ги занемариме разликите кои прават вештачка поделба меѓу нас како што е етничката, верската, партиската припадност.

-Разликите во однос на маргинализираните групи кои имаат двојно повеќе тешкотии во остварувањето на своите права и обврски. Мораме да се фокусираме на тоа што не обединува, а тоа е напредокот на Република Северна Македонија на евроинтеграцискиот пат. Подобриот стандард за живот и работа за нашите граѓани. Подобро и поквалитетно образование за нашите млади, за иднината на државата, посочува Џафери.

Сите заедно, како што истакнува Џафери, без оглед на сите вештачки поделби, ако сме единствени околу тоа што не обединува, а тоа е Република Северна Македонија да биде дом на нашата младина, земја со европски стандарди и вредности, тогаш мораме да си веруваме, да се почитуваме, меѓу нас внатре и надвор со нашите соседи, да се вложиме несебично и да се запрашаме – НЕ само ШТО може државата да направи за нас, туку, ШТО можеме НИЕ да направиме за државата за да и помогнеме да биде земја пример. Локално и централно, во својот дом и населба, во својата општина и во Републиката!

Претседателот на Собранието на граѓаните им посакува добро здравје и личен и колективен успех во работата. – Бидете среќни, бидете задоволни од себе пред сѐ! Поминете ги празниците во душевен мир, семеен спокој и благосостојба. Нека ви бидат домовите топли а мислите благородни! Нека Новата година биде среќна и бериќетна за Република Северна Македонија, напиша Цафери во честитката.