Џафери: Ако има договор на лидерската, разрешувањето на Јанева и законот за ЈО на седници уште утре

Фото: Б. Грданоски

Од исходот на вечерашната средба помеѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, зависи кога ќе се одржат продолженијата на комисиската и пленарната седница за Законот за ЈО, како и на парламентарното заседание за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева, но таа мора да биде разрешена најдоцна до 15 септември.

Доколку има договор, седниците би можеле да бидат закажани уште утре, вели претседателот на Собранието Талат Џафери, кој потенцира дека мора да се почитува рокот до 15 септември за разрешување на Јанева.

– Во 20 часот ќе се одржи лидерска средба помеѓу премиерот и претседателот на опозицијата овде во Собранието и очигледно процедурално имајќи предвид дека тоа е најавено, како Собрание, сметам дека треба да се даде можност на лидерите да дојдат до конечно прифатливо решение за сите страни и во тој контекст ќе биде резултатот во однос на обврската за седницата. Во секој случај ќе почекаме како ќе завршат разговорите а од утре натаму не е спорно во кој било момент да се одржи седница за разрешување на Јанева, изјави Џафери.

По одржувањето на комисиската седница на која се донесе предлог-одлука за разрешување на специјалната обвинителка, која е во притвор за случајот „Рекет“, Џафери упатил формално барање до четирите најголеми партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците за писмено да достават согласност за разрешувањето на Јанева, според Законот. Досега формална писмена согласност е добиена само од ДУИ и Алијанса на Албанците.

– Во четвртокот заврши комисиската расправа во однос на иницијативата на Советот на јавни обвинители во однос на барањето за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Обврска на Собранието е да расправа и според закон со двотретинско мнозинство и плус Бадентеровото гласање да се потврди предлогот на Комисијата за разрешување и истиот да се врати на усвојување на Советот на јавни обвинители. Во четвртокот попладне упатив писмо до четирите најголеми политички партии онака како што налага Законот за специјалното јавно обвинителство, за да написмено да ми достават согласност кон пристапување за утврдување предлог одлука за разрешување на Јанева, рече претседателот на Собранието.

Доколку биде постигнат договор на вечерашната лидерска средба, реално е да се очекува утре да продолжи седницата на Комисијата за европски прашања, која ги разгледува амандманите за Законот за јавно обвинителство, со кој се предвидува СЈО да се трансформира во ОЈО за гонење кривични дела од организиран криминал и корупција. Досега се поминати 10 амандани, а останати за разгледување се уште 41. По комисиската расправа, би можело веднаш да се свика продолжение на собраниската седница и законот да биде донесен.

Разрешувањето на Катица Јанева треба да биде на нова седница, која исто така би можела да биде утре, а најдоцна до 15 септември. Утре Собранието има закажано нова 111. седница, така што услови за кворум и гласање би можело да има.

Меѓу пратениците од обете партии владее оптимизам дека договор може да биде постигнат.