Двоножен робот истрча пет километри за 53 минути (видео)


Научниците од Државниот универзитет во Орегон (ОСУ) направија невообичаен тест со нивниот двоножен робот наречен Каси, терајќи ја да истрча 5 километри со едно полнење на батеријата на патека во кампусот.
Роботот успешно ја совлада задачата со време од 53 минути и 3 секунди, со што не го собори светскиот рекорд што го држеше угандскиот спортист Џошуа Чептегеи со време од 12:35:36, но стана првиот робот на две нозе што успеа да заврши „трка 5К“.

Каси беше развиена во лабораторијата за динамичка роботика на универзитетот, под водство на професорот по роботика Џонатан Хурст, за 16 месеци, со грант од 1 милион американски долари од американската Агенција за напредни истражувачки проекти за одбрана, а студентите на ОСУ развија алгоритми за неа кои ѝ обезбедија разновидни можности за движење.

„Длабоко потпомогнато учење е моќен метод кој дава вештини за вештачка интелигенција како трчање, скокање и одење по скали“, рече Јеш Годс, додипломски студент на Универзитетот ОСУ, кој учествуваше во проектот, додавајќи дека идејата е ваков робот во иднина да доставува пакети, да врши задачи во складови и да им помага на луѓето во нивните домови.

Покрај тоа што беше првиот што премина 5000 метри со едно полнење на батеријата, Каси е и првиот робот со две нозе што користеше машинско учење за контрола на одењето на отворено.

Роботот е дизајниран да се движи како голема птица, има голем број подвижни зглобови во колковите и флексибилни глуждови со погон и АИ систем за одржување рамнотежа.

Иако Каси успешно ја заврши делницата од 5 километри, нејзината трка не помина целосно без проблеми, бидејќи мораше да застане двапати поради прегревање на компјутерот, а еднаш падна поради губење рамнотежа при нагло свртување.