Двојно се зголеми бројот на лекари во Србија кои бараат смена на Кризниот штаб поради здравствената катастрофа

Бројот на потписници на иницијативата Обединети против Ковид, со кој се бара оставка од Кризниот штаб за борба против корона вирусот, е зголемен во изминатите 24 часа од 350 на околу 720 лекари и медицински експерти.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, како главната причина тие го наведуваат фактот што не гледаат друго решение за, како што наведуваат, „катастрофата на јавното здравство во која се наоѓа Србија“.

Повеќе од 700 лекари бараат од јавноста да им се објасни надлежноста за базата на податоци за порталот КОВИД и да се организира постапка со која со сигурност ќе се утврди бројот на заразени, болни и починати лица од КОВИД-19, како кај општата популација, така и меѓу здравствените работници.

Се бара и независна истрага ако се утврди дека податоците биле намерно сокривани, а за одговорните кои свесно и намерно учествувале се бара професионална и друга одговорност, како и одговорност од Кризниот штаб за предизвиканата штета.

Испратено е и барање за формирање на нов Кризен штаб, кој ќе се состои од експерти со докажани професионални и морални квалитети, а пред јавноста и на новите членови треба итно да им се разјаснат причините за неуспехот на тековниот кризен штаб.

На барањето на неколку стотици медицински работници реагираше и членот на Кризниот штаб, епидемиолог Предраг Кон, кој кажа дека ги почитува колегите кои ја потпишале иницијативата, додавајќи дека верува оти тие немаат доволно информации и „веруваат во некои информации и верзија на некои нивни ставови“.

Претставници на Министерството за здравство и Кризниот штаб во повеѓе наврати презентираа спротивставени информации на јавноста за бројот на заболени пациенти и починати од коронавирус, додека од друга страна логиката на работа и ажурирање на ковид-базата сè уште останува нејасна.

Според базата на податоци со бројот на пациенти до кои БИРН имаше пристап, бројот на заразени и починати кои биле објавени на веб-страницата covid19.rs се за неколку пати помали од вкупниот збирен износ што им е достапен на владините службеници.

Министерот за здравство, Златибор Лончар, изјави дека има луѓе кои се тестираат неколку пати во еден ден, како и дека голем број луѓе не добиваат резултати, така што тие се сметаат меѓу позитивните.

-Имате луѓе кои се тестираат три пати во еден ден. Тие одат на три места затоа што се плашат дека некаде ќе има застој, а потоа некој што тоа ќе го направи, а е позитивен, се појавува на три места во три лаборатории како позитивен, кажа Лончар.