Двојно намален откупот на јагнето, но двојно е зголемена и поддршката за зачувано женско јагне
Откупот на јагнето во моментот е со забавено темпо и е намален, за разлика од минатата година, со што очекуваме дека преку мерката што пред неколку денови беше донесена на Влада, самите сточари ќе го зголемат бројот на основното стадо, а со тоа и ќе го ублажиме притисокот на пазарот којшто се зголемува, истакна денеска на прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Тој информира дека до денеска се откупени близу 85 илјади јагниња, за разлика од минатите години кога откупот бил околу 180 илјади.
– Ние дел од сет мерките веќе направивме, од тоа што би ја напоменал мерката која пред само неколку дена беше донесена на Влада, а тоа е следејќи ја состојбата околу откупот на јагнињата, каде што се овозможи, се направи зголемување на дополнителната мерка, каде што севкупно излегува дополнителната мерка е само 1.500 денари и со основната 1.000 денари што значи дека за оставено женско јагне за 2020 година вкупната финансиска поддршка по глава ќе изнесува 2.500 денари, појасни Димковски одговарајќи на новинарско прашање.
Цената, вели тој, сепак ја регулира пазарот, додавајќи дека како Влада може да интервенираат во делот на субвенциите.
– Затоа ја споменавме како прва антикризна мерка каде што се овозможи зголемување на субвенциите према оставеното женско јагне се со цел да се амортизира притисокот на пазарот за земјоделците да се решат за оставање, а секако со намалување на самата понуда ќе дојде и до регулирање на цената. Очекувам максимално да се направи откупот, бидејќи нашето јагне се извезува на регионалните пазари состојбата ја знаеме каква е и во соседните држави, но ве уверувам дека јас разговарав и со министерката за земјоделство на Бугарија г-ѓа Танева, која што искажаа исти проблеми околу пласманот, така што со сите проблеми со кои се соочуваат нашите сточари, се соочуваат и сточарите во регионот, рече министерот.
Тој додаде дека веќе се во разговори со претставниците на земјоделците околу концесиите и се надева дека фирмите кои се дел од прехранбениот сектор ќе можат да користат и други еконсмкиите мерки кои веќе Владата ги донесе во тој сегмент.
– Искрено очекувам дека секторот земјоделство во оваа состојба ќе даде максимум со сите сили кои се на располагање фирмите и самите индивидуални земјоделци и ќе бидеме во една поволна состојба со тоа што загубите ќе бидат некаде минимални, а додека таму се појавуваат секако дека ќе се интервенира и со дополнителни мерки, посочи Димковски.