Дводневен „Диги образовен хакатон“


Дводневен „Диги образовен хакатон“ на кој студенти ќе изнаоѓаат конкретни решенија за спроведување на брза и одржлива дигитализација во високото образование, ќе започне денеска во просториите на „Млади Хаб“ во Скопје.

Хакатонот е во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Клубот за младински прашања и младински политики при Собранието, а поддржан од германската фондација „Фридрих Науман“.

Целта на хакатонот е заедничка работа и дружење помеѓу претставници и претставнички на повеќе универзитетски студентски собранија кои во текот на двата дена ќе работат на конкретни идеи за примена на дигитална трансформација на универзитетите. Тие, своите идеи, заедно со пратеници, професори и претставниците на граѓанските организации ќе ги обликуваат во форма на финални заклучоци и предлози за законски измени кои ќе бидат презентирани и дадени на разгледување и усвојување од страна на пратениците на јавна дебата во Собранието насловена „Неопходни законски измени за брза и ефикасна дигитализација во високото образование“, а закажана за 20 декември годинава.