Две жени се убиени во напад со нож во шведско училиште


Две жени починаа од повредите здобиени во напад со нож во средно училиште во Малме, Шведска, а за нападот е осомничен 18-годишен ученик кој е уапсен, соопшти шведската полиција. Двете жени на возраст од 50-тина години биле вработени во средното училиште во Малем, трет град по големина во Шведска.

Медиумите пишуваат дека имал нож и секира

Како што јавија локалните медиуми, наводниот сторител на злосторството сам ја повикал полицијата и кажал каде се наоѓа, дека го оставил оружјето и признал дека ги убил двете жени. Повеќе шведски медиуми јавуваат дека бил вооружен со секира и со нож.

Апсењето поминало без проблеми, наведува полицијата. Вчеравечер беше соопштено дека повредени се две жени на возраст од 50-тина години, а во времето на нападот, во училиштето имало педесетина луѓе. Повредените жени биле пренесени во болница, каде подоцна починале.

Мотивот непознат

Засега не е познат мотивот на нападот. По увидот и разговорот со сведоците полицијата е уверена дека осомничениот делувал сам.

„Нѐ чека голема работа да сфатиме што се случило и кој бил мотивот за овој ужасен чин“, вели Оса Нилсон, една од водителките на истрагата.

За денеска во 9.30 часот закажана е прес-конференција.