Две жени ранети по пукање на свадба во гостиварско Чајле


Две жени се здобиле со повреди при пукање од огнено оружје на свадбена веселба во гостиварското село Чајле. Непосредно по ранувањето, жените се згрижени во гостиварската болница, а лицето кое е осомничено дека пукало од пиштол е лишено од слобода.

Според информациите од СВР Тетово, половина час по полноќ во дворот на семјената куќа на Б.Х. (53), додека траела свадбена свеченост, имало пукање од огнено оружје. Во се уште до крај нерасветлени околности дошло до повредување на две жени кои присуствувале на веселбата. Повредените Х.И. (44) и М.М. (35) биле пренесени во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ и медицински згрижени.

Утрово, на местото на настанот, увидна екипа и јавен обвинител извршиле увид и се работи на расветлување на случајот.

По пријавата, околу 1:30 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Б.Х. домаќинот на веселбата, под сомнение дека тој пукал со пиштол.

Годинава, ова е прв посериозен инцидент предизвикан од неовластено пукање на свечености во Гостиварско. Пред четири дена во тетовска Мала Речица при пукање со огнено оружје беа ранети две помлади лица од кои едното беше сериозно повредено и оперирано на скопските клиники.