Две третини од членките на НАТО ни го ратификуваа Протоколот


По десет години чекање кандидатски статус, нашата земја, сепак, се најде на брза лента за добивање полноправно членство во НАТО, ако се цени според досегашното темпо на ратификација на Протоколот кој беше потпишан во Брисел во почетокот на февруари годинава. Наспроти досегашните искуства на новите членки на Алијансата,  за кои процесот на ратификација траел околу една и пол до две години, реални се шансите Северна Македонија да стане 30. членка до крајот на годинава, односно во период од десетина месеци по потпишувањето на Протоколот.

Во изминатите неколку месеци, 20 членки на НАТО, вклучително и речиси сите земји од овој регион, го ратификуваа Протоколот за нашата земја во своите парламенти. Претседателот на Собранието Талат Џафери информираше вчера дека и во повеќето парламенти на преостанатите десет земји е почната постапката за ратификација на Протоколот, согласно со внатрешните процедури. Почната е, како што рече, постапката во САД, Италија, Франција, како и во Велика Британија, каде што процедурата почнува во владата, а потоа во парламентот нема гласање, туку протоколот стои 21 ден и се смета за ратификуван ако никој не поднесе забелешки дотогаш. Рече дека веројатно е слична процедурата и во Исланд. За Шпанија, Џафери посочи дека постапката се оддолжила поради парламентарните избори. На листата на земји што се очекува во наредните неколку месеци да го ратификуваат протоколот се и Луксембург и Холандија.

Што се однесува до Турција, Џафери рече дека очекува Протоколот за нашата земја  да биде ратификуван или до крајот на следниот месец или во септември, со оглед на тоа што постапката е веќе одобрена од тамошното МНР и од турскиот претседател, така што останува процедурата во парламентот, каде што е потребно просто мнозинство.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која деновиве присуствуваше на министерски состанок на НАТО, во Брисел остварила средби и со колеги од земјите каде што Протоколот сè уште не е ратификуван. Таа изјави за МИА дека на сите средби провејувал ставот дека ратификацијата треба да заврши час поскоро.

„Сите даваат поддршка на нашето членство – без ‘ама’, без ‘но’, без резерви. И тоа е важна порака. И поради тој впечаток и став имаме толку брза ратификација. Постои една поголема колегијалност. Денеска еден од колегите ме информираше дека нивниот претседател го потпишал ратификуваниот протокол, со што тој е целосно во сила. Во случајов е Португалија земјата за која станува збор. Сите други најавија ратификации во следните два-три месеци. И сите рекоа дека за алијансата би било голем плус процесот да заврши до декември. Факт е дека 29 земји и 29 парламенти не се секогаш предвидливи до крај. Имате фактор-икс и на тоа мора да внимаваме. Може во некоја земја да ви се случат избори и само од процедурални причини да има одредено доцнење. Целта ни е да не оставаме ништо на случајот. Сè што зависи од нас го завршивме. Сè што зависи од нас го тераме како што треба. Да не дадеме шанса за какви било дилеми“, вели Шекеринска.

Во однос на Турција, министерката за одбрана вели дека, исто така, очекува ратификација во најбрз рок.

„Сите сигнали што ги добивавме од Турција е дека очекуваат ратификација веднаш по овие локални избори и враќањето на нивниот парламент во нормално функционирање“, изјави Шекеринска. (А.М.М.)