Две родилки на опсервација заради корона вирус

Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче денес на прес конференција информира дека кај две бремени жени се проверува дали се позитивни на корона вирус. Тој рече дека сите 13 пациенти кои се сместени на Клиниката за инфективни болести се во стабилна состојба идентична како вчера.

„Само една пациентка од Дебар е на машина и таа има значајно подобрување на параметрите, но со се уште непредвидлива прогноза бидејќи кај оваа болест непредвидливо можат да настанат компликации. Сите други пациенти се со лесна клиничка слика, вклучувајќи го и 15 годишниот пациент“, рече Филипче.

Тој додаде дека има седум нови материјали, станува збор за лица од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и од Охрид. Дел од нив престојувале во Швајцарија, Австрија и Германија.

„Тоа се лицата од Штип, Куманово, Тетово и Кичево кои неколку дена по враќањето развиле висока температура. Сега се во одделите за изолација и во текот на денот ќе бидат готови резултатите. Од Охрид има еден пациент, како и две родилки кои вчера се донесени од Дебар. Едната е во болница во Охрид, а другата е во Скопје и тие се во изолација и се во стабилна состојба. Не се непосредно пред породување, но ги донесовме да се направат тестовите и да бидат спремни за породување, рече Филипче.

Во земјава има околу 120 респираторни машини, најголемиот број, околу 90 во Скопје.