Две приватни клиники во Грција принудно преземени од државата

Поради лошата епидемиолошка слика во Солун и исполнетите државни болници, Министерството за здравство на Грција, принудно презема две приватни клиники и ги става комплетно во функција на државата, врз основа на соодветниот закон изгласан од грчкиот Парламент. Солунските приватни болници, комплетно, заедно со персоналот, по наредба на државата во следните 15 дена ќе бидат на располагање на националниот здравствен систем.

Одлуката и наредбата доаѓаат откако не беше постигнат взаемно прифатлив договор меѓу Министерството и Здружението на приватни клиники.

Министерството за здравство на Грција вчера, преку итен допис, го повика Здружението, од нивните членови најдоцна до 21 часот синоќа, да побара да одредат и отстапат 200 кревети за лечење на пациенти со Ковид-19 во регионалната единица Солун.

Одговорот од Здружението на приватни клиники беше негативен, по што следеше и одлуката на Министерството за здравство за реквизиција на двете приватни болници.

Согласно одлуката објавена во „Службен весник на Грција“, во следните 15 дена, со двете приватни клиники ќе управува раководителот на државните болници од конкретниот здравствен регион.

Паралелно управата на двете приватни клиники е лишена од било какво право на управување или правно застапување.

Дополнително, министрите за здравство и финансии на Грција ќе го одредат начинот на кој ќе бидат компензирани приватните клиники.

Вчера, во Грција беа регистрирани 3.227 нови случаи на Ковид-19, од кои 774 новозаразени се во Солун.