Две преведувачки на македонски литературни дела на книжевна резиденција во Скопје


Анамарија Цинеге Панзова и Марјанџела Бјанкофјоре, преведувачки на литературни дела од македонски јазик, во август ќе престојуваат на преведувачка резиденција во Скопје. Резиденцијата се организира во рамки на меѓународниот проект „Превод во движење“, чиј македонски партнер е издавачката куќа „Готен“.

Партнерски организации на „Готен“ во овој проект се организации од Албанија, Бугарија, Летонија, Србија, Франција, Црна Гора и Шведска, а проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

– Проектот има за цел збогатување и засилување на протокот на преведената литература во Европа и особено меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на резиденцијалниот престој, преведувачките ќе работат на конкретен книжевен превод, ќе имаат можност да ги зголемат своите познавања на македонскиот јазик, како и уште повеќе да се поврзат со македонската литературна сцена, информираат од издавачката куќа „Готен“.

За време на престојот, Панзова ќе работи на унгарски јазик на „Антологијата на македонската книжевност“ објавена од Институтот за македонска литература.

Антологијата опфаќа избор на најзначајните книжевни дела од IX до XXI век. Составена е од осум тематски целини: македонска средновековна книжевност, македонски народни умотворби, антологија на македонската книжевност во XIX век, македонската литература во првата половина на XX век, современа поезија, македонскиот современ роман, македонскиот современ расказ и македонската драма.

Бјанкофјоре за време на својот престој во Скопје ќе работи на преводот на италијански јазик на романот „Идол на ѕидот“ од Елена Филиповска. Романот е сместен во имагинарна сегашност-иднина, објавен во 2020 година.