Две основни училишта во скопски Карпош ќе користат струја од фотоволтаици


Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и директорот на Центарот за развој на Скопски плански регион Јане Мицевски, денеска на работна средба потпишале договорот за заедничка реализација на проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност, заштита на човековата околина“.

Како што соопштија од Општина Карпош, станува збор за изработка на проект и инсталација на фотонапонски систем до 20 kW со монтирање на фотонапонски модули на покривот на основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ и нивно поврзување во системот. Имено, основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“, се појаснува во соопштението, преку поставените фотоволтаици ќе произведуваат струја за сопствени потреби, а според проценките на стручните лица се претпоставува дека овие училишни установи ќе ги намалат сметките за електрична енергија околу 50 проценти.

 

Овој меѓуинституционален проект се спроведува заедно со општините Кисела Вода и Зелениково, откако истиот го одобрил Министерството за локална самоуправа.

– Оттука, Бирото за регионален развој ќе ја поддржи оваа иницијатива со парични средства (не повеќе од) 7.346.938 денари за сите општини. Локалната самоуправа од Карпош ќе го ко-финансира овој проект со сопствени средства во висина од 1.000.000 денари. Спроведувањето на проектот започнува веднаш по потпишување на договорот и ќе се имплементира најдоцна до крајот на оваа година, се вели во соопштението од Општина Карпош.