Две недели по автобуската несреќа: Патниците сведочат, виновник нема

Две недели по трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, надлежните сè уште немаат одговор на клучното прашање: што беше причината што автобусот на „Дурмо турс“ излета од патот и однесе во смрт петнаесет патници. Од Основното јавно обвинителство велат дека истрагата е во тек, трае сослушувањето на патниците, но нивните искази не може да се комплетираат поради здравствената состојба на дел од нив.
„Доставени ни се обдукциските наоди од починатите, како и дел од документацијата што ја побаравме од гостиварскиот превозник, додека останатата ја чекаме. Во тек се и вештачењата што ги нарачавме, а испрашан е и возачот на автобусот“, велат од Основното јавно обвинителството – Скопје за „Независен весник“.
Вчерашниот здравствен биланс од скопските болници говори дека двајца од повредените патници и натаму се борат за живот. Едниот од нив е на лекување во ГОБ „8 Септември“, а другиот во Ургентниот центар на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Во болницата „8 Септември“ се лекуваат седуммина повредени, а четворица се хоспитализирани на клиниките: по еден на КАРИЛ, Неврологија, Траума и Торакална хирургија.
Фокусот на Обвинителството е во (не)исправноста на автобусот, кој во јануари го минал техничкиот преглед во „Авто-мото здружение Гостивар“, кое е во сопственост на „Дурмо турс“, како и дали има вина во 49-годишниот шофер, дали изгубил контрола над воланот и од кои причини, односно дали му се слошило и дали гледал на мобилниот телефон. Кај него во крвта не се пронајдени алкохол и психотропни супстанции. Надлежните веќе објавија оти добивал смртни закани.
Сопственикот на гостиварската компанија, Дурмиш Белули, тврди дека автобусот бил исправен, во моментот на несреќата возачот бил свесен и нагласи оти претходно немал пријавено здравствени проблеми.
Првичните информации се дека автобусот возел со брзина од околу 80 километри на час, но Обвинителството чека тоа да биде потврдено и по вештачењето на тахографот – уред што ја евидентира брзината на движење и да се утврди дали работел точно и дали бил закочен од претходно.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците видоа пропусти на институциите во справувањето со последиците од несреќата. Партијата на Зијадин Села побара независно вештачење и формирање анкетна комисија во Собранието поради стравување од евентуални политички влијанија во истрагата, алудирајќи на блискост на гостиварски функционери на ДУИ со газдата на „Дурмо турс“.
Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, прашуваат зошто не бил активиран планот за постапување при итни состојби и катастрофи, зошто не бил формиран кризен штаб за справување со ситуацијата, зошто околу местото на несреќата не бил обезбеден периметар, со што само професионалци би имале пристап околу автобусот, зошто на местото на несреќата не биле обезбедени соодветни медицински тимови кои ќе им укажуваа прва помош на повредените, кој одлучил дури 35 од повредените да бидат однесени во „8 Септември“, со каков кадар располага оваа болница, зошто ниту еден повреден не бил сместен во приватните болници кога биле пофалени оти помагаат, зошто не била отворена посебна линија за роднините да добијат информации од прва рака, зошто не биле повикани специјалисти од другите болници да помагаат…
Од СДСМ возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ на морбиден начин се обидува да собере ситни политички поени.
„Благодарение на брзата, ефикасна и навремена интервенција на здравствените служби, Итната медицинска помош, Противпожарната служба и полицијата, беше спречена уште поголема катастрофа. Целокупниот здравствен систем беше активиран во рок од 15 минути по информацијата за несреќата, а екипите и службите на Министерството за здравство покажаа максимален и професионален ангажман во спасување на животите на тешко повредените“, наведуваат на „Бихаќска“. (Г.А.)

Фото: Борис Грданоски