Две компании во Грција казнети со еден милион евра поради профитерство


 Максимална парична казна во висина од еден милион евра им била изречена на две мултинационални компании во Грција поради профитерство,  соопшти министерот за развој Костас Скрекас, јави дописничката на МИА од Атина. 

Казните се по извршените инспекции од надлежната комисија за контрола на пазарот и се однесуваат на прекршување на закон поврзан со намалувањето на појавите на нелојални добивки.

Министерството за развој на Грција ги објави и имињата на компаниите, станува збор за „Проктер и Гембл“ и „Унилевер“, а според грчките медиуми за над 100 производи, како што се средства за чистење, средства за лична хигиена и основни продукти за домаќинството, бил прекршен законот за плафон на профитната маржа.

Министерот за развој на Грција рече дека ставиле јасно до знаење дека никој не е над законот и порача дека сите треба да ја сфатат „критичноста на ситуацијата и тешкотијата на домаќинствата да имаат пристап до основните добра за широка потрошувачка“.

-Решени сме да го спроведеме законот за да спречиме профитерство и да стимулираме здрава конкуренција, за доброто на грчкото семејство, истакна Скрекас и посочи дека ќе продолжат со контролите и „без двоумење ќе се издаваат казни“.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека казните од почетокот на годинава достигнаа осум милиони евра и истакна дека по изрекувањето на казните се забележува намалување до 25 отсто на цените на соодветните производи.