Две градинки во Карпош ќе добијат фотонапонски централи


Советот на Општина Карпош заседаваше по 16-ти пат, во чии рамки беа разгледувани 13 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, советниците ја поддржаа Одлуката со која се дава согласност за кофинансирање на проектот „Карпош SustainableHousing Lab“ кој влијае на намалување на CO₂ емисиите и подобрување на комфорот на живеење. Станува збор за проект којшто е подготвен како резултат на отворениот јавен повик од страна на ГЕФ Програма за мали грантови, (оперативна фаза 8), имплементиран од страна на УНДП.

Оттука, Програмата го следи принципот „размислувај глобално, дејствувај локално”, овластувајќи ги заедниците да придонесат за зачувување на биолошката разновидност, климатска акција, одржливо управување со земјиштето и намалување на загадувањето.

Според предвиденото, фотонапонските електроцентрали ќе бидат поставени во ЈУОДГ “Орце Николов” – објект Ѕвездички, Карпош 2, сомаксимална моќност до 13kWp и ЈУОДГ “Распеана Младост” – објект Виножито, Бардовци, со максимална моќност до 9kWp. За реализација на проектот се предвидени грант средства во вкупен износ од 3.300.000 (три милиони и триста илјади) денари, односно 60.000,00 (шеесет илјади) американски долари. Учество во
кофинансирањето на проектот од страна на Општина Карпош е предвидено во износ од 350.000,00 (триста и педесет илјади) денари. Средствата за кофинансирање се обезбедени во Буџетот на Општина Карпош, во рамките на Програмата Р1 – Заштита на животната средина, економска класификација 464990 – Други трансфери.

Со мнозинство гласови беше усвоен и Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош, за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2026 година. Според образложението за вториот квартал за 2026 година, прикажаните планирани вкупни приходи за 2026 година изнесуваат 2.216.812.599 денари, додека пак
реализиранитеприходи за вториот квартал изнесуваат 761.944.165 денари. Во Општинскиот Буџет се планирани приходите во висина од 1.377.715.599 денари, а е остварена реализација на приходите за вториот квартал во износ од 380.335.860 денари.

На иницијатива на градоначалникот Сотир Лукровски, како израз на меѓуопштинска солидарност и поддршка со Одлука на Советот, Општина Карпош ќе и додели хуманитарна финансиска помош на Општина Гостивар во висина од 150.000 денари, наменети за жителите на Гостивар кои беа погодени од загадувањето на водата за пиење.

Советниците го изгласаа Решението според кое Локалната самоуправа ќе формира Комисија за проценка и утврдување на штетата од природни непогоди и други несреќи. Ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Карпош“. Со стапување во сила на ова Решение престанува да важи Решението за формирање Комисија за процена и утврдување на висината на штетата од природни непогоди и други несреќи бр. 09-7860/6 од 15.10.2022 година.

Со истата динамика Советот ја поддржа Одлуката за давање согласност за времено отстапување на користење училишен простор (училиници) во општинското основно училиште „Вера Циривири Трена“ на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ Скопје. Според оваа Одлука, ООУ „Вера Циривири Трена“ ќе отстапи без надомест седум училници по пет работни дена во неделата (од понеделник до петок) во периодот од 15 до 20 часот, на име месечна закупнина, со цел реализирање на клонска настава на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ за ученици во нижо музичко училиште. ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ пак, има обврска да го
плати месечниот надомест на име трошок за потрошена електрична енергија, кој ќе биде утврден врз основ на сметката за електрична енергија.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за Одлуката со која се дава согласност за свикување на Иницијативен одбор, за конституирање на Локално собрание на млади на Општина Карпош. Првата седница на Иницијативниот одбор ја свикува, отвора и со неа раководи најстариот член од избраните членови во Иницијативниот одбор. Според Член 2 од Одлуката, Иницијативниот одбор го распишува повикот за конститутивно локално собрание за млади во согласност со Статутот на општината, по принципот на транспарентност и јавност. Во Собранието на млади можат да членуваат младински организации, организации на млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување. Формите на организирање и здружување не мора да бидат регистрирани со седиште во општина Карпош, но мора да имаат активности на територијата на локалната самоуправа.

Поддршка од Советот доби и Решението за именување на нов член во училишниот одбор на ООУ „Петар Поп Арсов“. Советниците постигнаа консензус и за двете Решенија за измена и дополнување на Годишниот план за вработување за 2026 година, на општинските основни училишта „Владо тасевски“ и „Лазо Трповски“.

Со одлука на Советот беше прифатена донацијата од Друштвото за градежништво, производство, трговија и услуги, увоз-извоз БИТЕМ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за донација во висина од 570.000 денари кои ќе бидат наменети за санација на оштетениот покрив на ООУ „Владо Тасевски“ во населбата Козле. Советниците ја изгласаа и Одлуката за прифаќање на донација од Фондација д-р Верица Механџиска. за опремување на сензорна соба во ООУ „Лазо Трповски“. Вкупнатавредност на донацијата изнесува 267.871 денар со вклучен ДДВ.