Две години од почетокот на руската инвазија на Украина

Русите во текот на ноќта извршија нов бран на ракетни и беспилотни напади низ целата земја. Четворица лидери во Киев


Во Италија, која оваа година претседава со Групата седум индустриски развиени земји (Г7), ќе се одржи виртуелен самит со претседателот на Украина Володимир Зеленски во знак на поддршка за неговата земја.

Собири ќе се одржуваат во повеќе градови како Берлин и Варшава, а некаде ќе има и пред руските амбасади.

Во пресрет на годишнината беа воведени нови пакети санкции против Русија.

Советот на Европската унија во петокот го воведе 13-тиот пакет рестриктивни мерки против Русија.

Нови санкции „против режимот на Владимир Путин и одговорните за продолжување на неговата незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна и оние кои ја поддржуваат“ беа воведени за 106 поединци и 88 ентитети одговорни за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.

ЕУ повика на континуирана поддршка за Украина, поради што Зеленски патува низ светот барајќи поддршка, особено воена.

Како одговор на европските санкции, Москва го прошири списокот на политичари од ЕУ на кои им забранува влез во Русија.

Американскиот претседател Џо Бајден најави и санкции против дополнителни 500 правни и други субјекти во Русија и на други места поради војната во Украина и смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во затвор.

Втората годишнина доаѓа по неодамнешната смрт на противникот на Кремљ, Алексеј Навални. Неговата смрт предизвика бран митинзи за да му се оддаде почит.

Русија не престанува со нападите

Руските напади врз украинските градови продолжуваат. Русите во текот на ноќта извршија нов бран на ракетни и беспилотни напади низ целата земја. Едно лице загина во јужниот пристанишен град Одеса. Уште три лица се повредени кога беспилотно летало удрило во станбена зграда откако била соборена од украинската противвоздушна одбрана. Три лица загинаа во напади во други делови на Украина.

Четворица западни лидери пристигнаа денеска во Киев за да покажат солидарност со Украина на втората годишнина од почетокот на руската инвазија, во која загинаа десетици илјади луѓе и ја опустоши економијата на земјата.

Во Киев се премиерите на Италија, Канада и Белгија – Џорџа Мелони, Џастин Трудо и Александар Де Кро кои пристигнаа заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со ноќен воз од соседна Полска. Целта на нивната посета е да ја подвлечат посветеноста на Западот да и помогне на Украина бидејќи таа се соочува со зголемен недостиг од воени резерви, што влијае на нејзината способност на бојното поле, каде Москва остварува територијални придобивки.

Шојгу ги посети војниците. Зборуваа за падот на Авдијивка
Во исто време, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги посети руските војници кои учествуваат во борбите во Украина, соопшти руското Министерство за одбрана.

Шојгу „ги слушал извештаите на командантот на Центарот за група и штабните офицери за моменталната ситуација, природата на дејствијата на непријателот и начинот на кој руските војници ги извршуваат борбените задачи во оперативната област“, ​​соопшти Министерството за одбрана.

Рускиот генерал-полковник Андреј Мордвичев, командант на Центарот за трупи, му пријавил на Шојгу дека за време на операцијата за „ослободување“ на Авдијивка, украинските сили биле потиснати повеќе од 10 километри, соопшти Министерството.

Шојгу ја истакна и улогата на беспилотните летала во битките. Формирани се единици со полно работно време задолжени за операции со беспилотни летала, изјави Модричев за Шојгу.

Највисокиот функционер за безбедност на Украина: Путин ќе се обиде да ја реши војната оваа година

„Путин ќе се обиде да го реши украинското прашање оваа година, пред претседателските избори во САД во ноември“, предупреди највисокиот безбедносен функционер на Украина, началникот на воениот кабинет Олексеј Данилов.

Во интервју за Би-би-си, тој рече дека рускиот лидер „не сака да ризикува да го остави прашањето за украинската територија за подоцна, бидејќи никој не знае како ќе се однесува претседателот Трамп“. Тој нагласи дека Украина верува дека рускиот лидер сега ќе распореди повеќе сили и ќе се обиде да ја дестабилизира земјата.

Руските трупи веќе напредуваат во источна Украина од неколку правци, искористувајќи ги задоцнетите испораки на западната воена помош, особено безбедносниот пакет од 60 милијарди долари, кој беше задржан поради политичките расправии во американскиот Конгрес.

„Ситуацијата е тешка и комплицирана“, призна Данилов. „За жал, донекаде сме заложници на брзината со која ни помагаат нашите партнери и тоа се рефлектира директно на првата линија. Тој призна дека украинските војници се „навистина исцрпени“ и дека Украина ќе мора да мобилизира многу повеќе луѓе. Но, главниот проблем, вели тој, е „оружје, оружје, оружје“.