Две добри вести од ЕУ во еден ден – почеток на преговори и 66 милиони евра помош


Две добри вести од Европската Унија во еден ден за Македонија – првата е што конечно е донесена одлука за пристапни преговори со Унијата; и втората што блокот ќе одвои 66 милиони евра за помош на нашата земја за борба против корона вирусот.

Вестите за паричната помош ги соопшти вечерва амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар преку Твитер. „Заедно сме во борбата против овој злобен вирус. Во ова тешко време, ЕУ ќе ја поддржи Северна Македонија со четири милиони евра за итни потреби, 50 милиони евра за социоекономско опоравување, девет милиони евра за приватниот сектор, три милиони евра директна поддршка за буџетот“.

Ова е голем пресврт во односот на Унијата кон Македонија по неодамнешната одлука да биде запрен извозот на медицинска опрема во земјите што не се членки на ЕУ во екот на корона вирусот. Од друга страна, јасно е какви можности се отвораат за Македонија откако ЕУ ги отвори портите за почеток на преговорите.  (Н.В.)