Две децении АмЧам: Пандемијата отвори врата за уште поголеми предизвици (фото)


Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) вчера го одржа 20-тото по ред генерално собрание и одбележа две децении од основањето.

„Пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19 отвори врата за уште поголеми предизвици. Време во кое животот и бизнисот какви што ги познававме се претворија во една нова реалност – глобално, локално, без никакви исклучоци! Иако, сега можеби ни изгледа дека влијанието на пандемијата врз начинот на кој живееме и работиме е многу тешко и длабоко, сепак, сметам дека сега е моментот да размислуваме за раст и развој и како да бидеме посилни, подобри и приспособливи”, истакна претседателот на на АмЧам, Љупчо Георгиев кој зборуваше за постигнувањата на комората, како и за предизвиците со кои се соочи поради кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, како и трансформацијата на организациските процеси со цел полесно справување со можните ризици.

На настанот учествуваа амбасадорката на САД, Кејти Мери Брнс, членовите на одборот на директори, повеќе од 70 компании-членки на комората, како и партнери и поддржувачи. Собранието, покрај својот работен дел, вклучуваше и одбележување на 20-годишнината од постоењето на АмЧам, а воедно и признание за значајните успеси во текот на изминатите години.

Во рамките на настанот, беа избрани новите членови на одборот на директори на АмЧам: Маја Филипчева – директор за даноци во Грант Тортон; Никола Љушев – главен и извршен директор на Македонски Телеком; Ламбро Патче – Менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје, Кока-Кола и Хајнекен; Иван Новаковски – директор на НОВА Интернационално училиште и Јордан Димитровски – сопственик и генерален директор на Аитоникс.

„Денес го славиме успехот на АмЧам. Оддаваме признание за вашата посветеност во поттикнувањето партнерство помеѓу нашите две земји. Свесни сме дека поради вас и вашите напори, бизнис релациите, како и поврзувањето на луѓето помеѓу РСМ и САД, денес се многу подлабоки, пошироки и поцврсти”, истакна амбасадорката Брнс, која беше главниот гостин-говорник на настанот и која во своето обраќање се осврна на релациите помеѓу САД и Република Северна Македонија.

Вториот дел од настанот беше посветен на 20-годишниот јубилеј во чија чест се одржа и панел  дискусијата „Пред 20 години и сега” во која учествуваа двајца значајни панелисти, г. Кристијан Поленак, основач и претходен претседател на АмЧам и партнер во адвокатското друштво Поленак и г. Љупчо Георгиев, претседател на АмЧам и генерален менаџер на Мајкрософт во РСМ. Панелистите дадоа осврт на минатото, сегашноста и иднината на комората, споделувајќи историјат на значајни настани и постигнувања во текот на изминатите две децении. АмЧам изрази благодарност и почит кон компаниите-членки, основачите, поранешните претседатели и амбасадата на САД, за поддршката во  растот и развојот низ годините.

Американската стопанска комора ќе продолжи да спроведува активности и ќе биде доследен партнер на своите компании-членки, стремејќи се кон уште поголем успех во годините кои следат, се вели во соопштението до медиумите.